ФУДБАЛ
Повторно строги мерки на мечевите во Англија
Англиската фудбалска Премиер-лига им порача на 20-те клуба да се вратат на итните мерки поврзани со ковид-19. Протоколите што беа донесени во почетокот на сезонава вклучуваат и физичко дистанцирање, носење маски во затворен простор, терапија што не трае подолго од 15 минути, а медицинскиот персонал треба да носи целосна заштитна опрема кога е во контакт со играчите. Клубовите со високи стапки на вакцинација ублажија некои од мерките, но сега ќе мора повторно да воведат ограничувања за да помогнат во спречување на ширењето на новата ковид-варијанта, омикрон. Натпреварот Тотенхем – Брајтон што требаше да се игра утре е одложен поради неколку новоинфицирани кај Тотенхем. Новите правила вклучуваат задолжителна двојна вакцинација или негативен тест за гледачите како доказ, за присуство на спортски настани со над 10.000 луѓе. Л.Д.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Без публика на две од четирите скокалници на Новогодишната турнеја
Двете натпреварувања во Германија во рамките на 70-та традиционална новогодишна турнеја во скијачки скокови „Четири скокалници“ ќе мора да се одржат без публика на трибините, поради воведените построги ограничувања за ковид-19, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Сите што веќе купиле билети за натпреварите во Оберсдорф и во Гармиш-Партенкирхен можат да ги вратат и ќе им бидат вратени парите, пишува ФИС. Доколку се променат ограничувањата во следните три недели, организаторите планираат брзо да реагираат. Јубилејниот 70-ти натпревар треба да се одржи од 29 декември до 6 јануари, а „Четирите скокалници“ предвидуваат и натпревари во австриските Инсбрук и Бишофсхофен.