Јовановски: Зошто да не приредиме ново изненадување?

Големи честитки до фудбалерите и до стручниот штаб на Македонија за пласманот во баражот за Светското првенство во Катар и за добрите игри во квалификациите, посебно на последните два меча со Ерменија и со Исланд. Кога беше најпотребно, покажаа психолошка и тактичка зрелост, што е најбитно на вакви пресудни мечеви. Ќе биде тешко во плејофот, но додека постои и најмала шанса треба да се верува во себе и да се игра на победа. За тоа дека Македонија е кадарна да изненади, дека има квалитет и оти нема комплекси се виде и на натпреварот со Германија. Зошто да не приредиме некое слично изненадување? Имаме квалитетни индивидуалци што играат во силни лиги, тимски одлично функционираме, треба да веруваме дека може да се повтори баражот за Европското првенство лани, во фудбалот се можни секакви чуда, вели Ѓоре Јовановски, поранешен селектор на Македонија и истакнат тренер на повеќе македонски и странски клубови. Л.Д.


Михајлов: Добро е што по ЕП продолжува нагорниот тренд

Пеколни ривали ја чекаат Македонија во баражот, ќе биде тешко, но треба да се игра, нема предавање однапред. Кога би можел да избирам противници, би се решил за островските, за Шкотска и за Велс, па и за Шведска, не оти се понеквалитетни од другите туку затоа што мислам дека повеќе ни одговараат според стилот на игра. Како и да е, и ова што го постигна Македонија во квалификациите за СП е голема работа, и понатаму сме на европската и на светската фудбалска мапа, добро е што по настапот на ЕП продолжува нагорниот тренд во македонскиот фудбал, вели Горазд Михајлов, фудбалски стручњак, тренер на Силекс. Л.Д.


Станојковиќ: Сега е време за радување на успешната година

Македонија забележа историски успех, второ место во групата, никогаш досега не била поблиску до настап на едно Светско првенство. Но мислам дека нема потреба да се создава каков било дополнителен притисок врз фудбалерите, да го поминат баражот и да играат на СП. Сега треба малку да уживаме и да ѝ се радуваме на успешната година во која Македонија настапи на Европското првенство и се пласира во баражот за СП. Јас само посакувам Македонија и понатаму да продолжи со добрите игри и резултати, и ајде да почекаме до ждрепката на 26 ноември, да ги дознаеме ривалите, па потоа да коментираме што нѐ чека, вели Вујадин Станојковиќ, поранешен фудбалер на Вардар и на Партизан и репрезентативец на СФР Југославија и на Македонија, сега координатор за младите селекции на Македонија. Л.Д.