Пехарот ќе го додели Чеферин, на теренот
Европската фудбалска унија (УЕФА) потврди дека, како и на претходните пет европски првенства (ЕП), нејзиниот претседател Александер Чеферин ќе му го предаде трофејот на капитенот на победничката репрезентација. УЕФА, исто така, потврди дека, за разлика од претходните две големи финалиња што се одржаа на „Вембли“, доделувањето на пехарот и на медалите нема да биде на балконот на стадионот. Двете победнички селекции, на Светското првенство во 1966 година (Англија) и на ЕП 1996 (Германија), се качуваа на балконот, тогаш на стариот „Вембли“, за да ги добијат медалите и пехарот. Но поради кризата со коронавирусот, свечената церемонија утре ќе се одржи на теренот. Л.Д.
Англија има шанса за необична двојна титула, каква што има
само Холандија
Англија има шанса да испише историја ако победи в недела во финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП), затоа што тоа би била прва континентална титула за таа репрезентација. Но тоа би бил само втор случај во иста година да слави репрезентацијата на земјата од која е и клупскиот европски првак. Во мај Челси победи во Лигата на шампионите. Вакво нешто претходно е забележано во 1988 година, кога трофеите ги освоија Холандија на ЕП и ПСВ Ајндховен во тогашниот Куп на шампионите. Необична двојна титула можеше да има и во 1964 година (Шпанија првак, Реал Мадрид финалист), 1976-та (Баерн шампион, Германија финалист), 1980-та (Германија првак, Хамбургер финалист) и во 2004 година (Порто првак, Португалија финалист).
За титулата Италија може да заработи 34, а Англија 33,25 милиони евра
Репрезентацијата на Италија може да ја освои максималната парична награда од Европската фудбалска унија (УЕФА) за идниот шампион на Европското првенство. Ако Италија слави в недела во финалето, таа селекција ќе освои вкупно 34 милиони евра. Максималната награда е можна само ако се забележат три победи во групната фаза, за вкупно 4,5 милиони од тој дел на натпреварувањето. На ова се додаваат 9,25 милиони за учество, два милиони за осминафиналето, 3,25 милиони за четврт-финалето, пет милиони за полуфиналето и 10 милиони за победникот. Англија во групата имаше две победи и едно реми за вкупно 3,75 милиони, па за европската титула би освоила вкупно 33,25 милиони.
КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ
Феникс е на двочекор до титулата
Кошаркарите на Феникс вторпат славеа над Милвоки на свој терен, овој пат со 118-108, и поведоа со 2-0 во серијата што се игра до четири победи, во големото финале од НБА-лигата. Во победничката екипа предничеше Девин Букер, со 31 поен, од кои седум тројки, а го следеа Микал Бриџис, со 27, и Крис Пол, со 23 поени и осум асистенции. Сега следува серијата од три меча на теренот на Милвоки, а третиот натпревар се игра в понеделник наутро (од три часот). Г.И.
ТЕНИС – ВИМБЛДОН
Барти игра за втора, а Плишкова за прва гранслем-титула
Ешли Барти (25) од Австралија и Каролина Плишкова (29) од Чешка ќе играат во денешното финале (15 ч.) за тенисерки на годинашниот гранслем-турнир Вимблдон. Барти и Плишкова досега одиграле седум меѓусебни дуели, а Австралијката води со 5-2. На водечката тенисерка во светот, Барти, ова ќе ѝ биде прво финале на Вимблдон (таа има триумф на Роланд гарос во 2019 година). И за Плишкова (рангирана 13-та) ова е второ гранслем-финале во кариерата (првото во 2016 година го загуби на САД опен). Г.И.