КОШАРКА
Феникс по 28 години е во финалето на НБА-лигата
Кошаркарите на Феникс убедливо го совладаа Лос Анџелес клиперс со 130-103 во шестиот меѓусебен дуел и со вкупен резултат од 4-2 во победи се пласираа во финалето на НБА-лигата. Тие ќе играат за шампионскиот прстен првпат по 1993 година. Шестиот натпревар се одигра во Лос Анџелес пред 18.495 гледачи, а кај победникот најдобар беше Крис Пол, кој уфрли 41 поен (7/8 за три), но имаше и четири скока и осум асистенции, а Девин Букер реализира 22 поена со седум асистенции. Феникс во финалето ќе игра против подобриот од мечот помеѓу Милвоки и Атланта, а таму резултат беше во 2-2 во серијата до четири победи. Петтиот дуел се играше рано изутрина, а Милвоки беше домаќин. Г.И.
ФУДБАЛ
Санчо во Манчестер јунајтед за 85 милиони евра
Манчестер јунајтед се договори со Борусија Дортмунд за трансферот на Џејдон Санчо (21), крилниот напаѓач на фудбалската репрезентација на Англија, вреден 85 милиони евра (73 милиони фунти). Се очекува Санчо да потпише петгодишен договор со опција за уште една година, со што ќе стане вториот најскап англиски играч на сите времиња, по Хари Мегваер, кој пристигна во Јунајтед од Лестер за 80 милиони фунти (93 милиони евра) во 2019 година. На Манчестер сити му следуваат 15 отсто од профитот (околу 11 милиони евра) што ќе го оствари Борусија Дортмунд од зделката со Санчо, кој замина во Германија, во Бундес-лигата, за 10 милиони фунти (11,6 милиони евра) од „сините“ пред четири години. Санчо постигна 50 гола и имаше 57 асистенции на 137 настапи за Борусија, од кои два гола во неодамнешното финале во Купот на Германија. Санчо има 20 настапи за Англија од дебито во 2018 година и постигна три гола. Тој во сезоните 2018/2019 и 2019/2020 беше избран во најдобриот тим на Бундес-лигата. Л.Д.
По осминафиналето, Роналдо води на листата на стрелците
Кристијано Роналдо води на листата на стрелците по осминафиналето на фудбалското Европско првенство (ЕП), со пет гола и една асистенција. Португалецот го заврши настапот на ЕП 2020, а од фудбалерите што ќе играат во четврт-финалето најблиску е Патрик Шик од Чешка, со четири гола (нема асистенција), објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Ако двајца или повеќе фудбалери се израмнети според бројот на постигнати голови, победува тој со повеќе асистенции, ако и тоа е израмнето, прв е фудбалерот со најмалку одиграни минути, а ако и тоа е исто, победува тој што постигнал повеќе голови во квалификациите, пишува УЕФА.