КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
Феникс по 28 години е на
чекор до пласман во финалето

Кошаркарите на Феникс по 28 години се на чекор до големото финале во НБА-лигата, откако на гостински терен третпат го победија Лос Анџелес клиперс, сега со 80-84 (20-29, 16-21, 30-19, 14-15), во ретко виден натпревар со толку малку поени.
По петтиот натпревар од финалето на Западната конференција, Феникс води со 3-1 во победи, во серијата што се игра до четири триумфа. Во Источната конференција по два меча е нерешено на дуелот помеѓу Милвоки и Атланта, кои третиот натпревар го играа утринава.
Најпознатото име кај победничкиот тим од Аризона, Девин Букер, мечот го заврши со 25 поени, (осум погодени од 22 шута од игра, 0/5 за три), но поради шест лични грешки мораше при крајот на натпреварот да го напушти теренот. Него со успех го дополни Деандре Ејтон со 19 поени, 22 скока, од кои девет беа во напад, како и четири блокада и три асистенции. Петтиот меч се игра утре од три часот наутро. Г.И.

АТЛЕТИКА
Четирикратниот олимписки
првак Фара нема да настапи
во Токио

Четирикратниот олимписки шампион и шесткратен светски првак Мохамед Фара не ја исполни олимписката норма на митингот во Манчестер и нема да биде дел од британскиот атлетски тим на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио.
На трката на 10.000 метри во Манчестер, 38-годишниот Фара заостана 19 секунди зад времето за исполнување олимписка норма. На претходните две летни олимписки игри, одржани во Лондон во 2012 година и во Рио де Жанеиро во 2016-та, Фара освои четири златни медали на трките на 5.000 и на 10.000 метри. Та.Д.

ТУР ДЕ ФРАНС
Во првата етапа судир на
педесетина велосипедисти

Британскиот велосипедист Крис Фрум вели дека „ќе се обиде да ја помине втората етапа“ на Тур де Франс (возена вчера), откако се повреди во големата несреќа на почетокот на трката, пишува „Би-би-си“. Фрум, кој е четирикратен шампион на Тур де Франс, беше меѓу најтешко погодените кога повеќе од 50 возачи паднаа на осум километри од целта. Снимките покажале дека нема скршеници. Фрум нагласи дека инцидентот, кој настанал на патеката, бил всушност вистински „масакр“, а притоа ги повредил левата нога и градите.
– Дефинитивно тоа беше луда етапа. Сѐ беше во ред, но во последните 10 километри, со 60-70 км на час, настана допир на тркала во пелотонот и тоа беше „масакр“ со 50 или 60 возачи што паднаа. За жал, немаше каде да одам, сопрев колку што можев, но влегов во задниот дел на групата што се судри пред мене – вели Фрум.

Фрум ја заврши етапата во должина од 197,8 км 14 минути зад победникот, Французинот Жулијан Алафилип. Лани трката беше една од највозбудливите во 108-годишната историја на натпреварувањето, во која Словенецот Тадеј Погачар, во претпоследната етапа го победи сонародникот Примож Роглич. Годинава ќе се вози 21 етапа (3.417,5 км), а треба да заврши традиционално, на Елисејските Полиња во Париз, на 18 јули. Г.И.