ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН
По три дена елиминирани 18 носители

Најголеми изненадувања во првите три натпреварувачки дена на гранслем-турнирот Австралија опен (АО) се елиминациите на поранешните освојувачи на престижниот тениски турнир, Викторија Азаренка (победничка во 2012 и во 2013 година) и Станислас Вавринка (2014-та).
Вавринка, кој е 18-ти тенисер во светот на АТП-листата, беше елиминиран од Мартон Фусковиќ (55-ти на АТП-листата) со 7-5, 6-1, 4-6, 2-6, 7-6, а Азаренка (13-та на ВТА-листата) со 7-5 и 6-4 беше запрена од Џесика Пегула (62. на ВТА).
Во првите три дена на турнирот се елиминирани вкупно 18 носители, од кои седум во машка и 11 во женска конкуренција. Меѓу позвучните имиња се Гаел Монфис (10 носител), Роберто Баутиста Агут (12-ти), Давид Гофин (13-ти), Петра Квитова (деветта), Јоана Конта (13-та), Анжелик Кербер (23-та), Венус Вилијамс…
Бранителот на титулата во машка конкуренција, Новак Ѓоковиќ, го победи Франсис Тијафо со 6-3, 6-7, 7-6, 6-2, а во победата Ѓоковиќ сервираше 26 аса што е рекорд на еден меч во неговата кариера. Противник на Ѓоковиќ во 3-то коло на Австралија опен ќе му биде Тејлор Хари Фриц. Та.Д.


ФУДБАЛ

Сè повеќе мечеви на неутрален терен во европските купови

Поради ограничувањата при патувањето низ Европа поради ковид-19, Арсенал и Манчестер јунајтед, првите шеснаесетфинални натпревари во Лига Европа (ЛЕ) против Бенфика, односно Реал сосиедад, ќе ги играат во Италија, на 18 февруари, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).
Арсенал ќе игра со Бенфика на стадионот „Олимпико“ во Рим, а Манчестер јунајтед ќе се сретне со Сосиедад на арената „Алијанц“ во Торино на 18 февруари. Претходно дојде до промени и на мечот Молде – Хофенхајм, исто така закажан за 18 февруари, кој ќе игра во Вилјареал, на стадионот „Керамика“.
До овие промени дојде оти шпанската влада ја продолжи забраната за летови од Велика Британија, Бразил и од Јужна Африка од 16 февруари до 2 март, во обид да се спречи ширењето на новите варијанти на ковид-19.

Ова е четврти пат Шпанија да ги продолжува ограничувањата за пристигнувања од Велика Британија, кои првично беа воведени на крајот од декември лани.
Арсенал не може да отпатува за Лисабон бидејќи Велика Британија дозволува само итни и неопходни патување од и кон Португалија.
Во ЛШ, пак, на неутрален терен, во Будимпешта, ќе се играат средбите Борусија Менхенгладбах – Манчестер сити и Лајпциг – Ливерпул.
Одлуката на Шпанија да ја продолжи забраната за пристигнувања од Велика Британија може да значи и дека мечот Атлетико – Челси во Мадрид, во Лигата на шампионите (ЛШ) на 23 февруари ќе се игра на друг терен и земја. Шпанските медиуми пренесуваат дека лидерот во Ла лига, Атлетико, како алтернативи ги разгледува Букурешт или Џенова. Л.Д.


СП ВО СКИЈАЊЕ
Наместо во понеделникот, првите трки треба да се возат денеска

На Светското првенство (СП) во алпско скијање во Кортина д’Ампецо, Италија, денеска на програмата се првите две трки, во супервелеслалом, најпрвин во женска (10.45 часот), а потоа и во машка конкуренција (од 13 часот), објави Светската скијачка федерација (ФИС).
Овие трки треба да го означат и почетокот на СП, предвиден за понеделникот. Но временските неприлики, најпрвин големиот снег, потоа и маглата, беа причина за одложување на натпреварите од првиот и од вториот ден. Тоа им создаде многу неволји на организаторите, кои беа принудени да направат големи промени во распоредот на СП за наредните денови. Л.Д.