ВО ПРЕСРЕТ НА 8 МАРТ
Европските титули на Кометал ЃП и на Илиевска, олимписката титула на Наковска-Бикова, олимпиското сребро на Вангеловска, алпинистичките достигнувања на Арсова, второто место во ЛШ на Андонова, историскиот подвиг на Бојаџи, се само дел од успесите и достигнувањата на македонските спортистки. Жените во спортскиот свет сѐ повеќе добиваат високи функции, а и во Македонија жени се на чело на неколку спортски организации и клубови
Жените во светот уште се борат со стереотипи и дискриминација, а Денот на жената, 8 Март, е ден што потсетува дека сите треба да се борат за рамноправноста, секогаш кога ја нема. Тоа е ден кога се истакнува борбата за рамноправност во сите сфери од животот, вклучувајќи го и спортот, кој, меѓу другото, жените ги направи похрабри и порешителни за да посегнат по своите соништа, ги научи да се борат и да не се предаваат додека не ја остварат поставената цел.
Македонските спортистки гордо и со крената глава чекорат по патот на своите спортски соништа. Тие се пожртвувани, истрајни, лојални, борбени, не признаваат пречки и граници и во нивниот речник не постои „не можам“. Европската ракометна круна на Кометал Ѓорче Петров, олимписката титула на стрелачката Оливера Наковска-Бикова, европската титула на каратистката Наташа Илиевска, олимпиското сребро на кошаркарката Стојна Вангеловска, алпинистичките достигнувања на Илина Арсова, второто место во фудбалската Лига на шампионките на Наташа Андонова, историскиот подвиг на пливачката Атина Бојаџи (го преплива каналот Ла Манш во 1969 година како прва Македонка) се само дел од успесите и достигнувањата на македонските спортистки, кои 365 дена во годината достојно ја претставуваат Македонија на европската и на светската сцена.
Жените во спортскиот свет сѐ повеќе добиваат високи функции, а од олимписките спортови претседателки на меѓународни спортски сојузи се, на пример, Шпанката Марисол Касадо (претседателка на Меѓународната триатлон-унија), Британката Кејт Кетнес (претседателка на Меѓународната федерација во карлинг), потоа менаџираат клубови, предводат машки тимови… И во Македонија жени се на чело на неколку спортски организации и клубови.
Во светски рамки, 8 Март го одбележува и Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), кој ја доделува традиционалната „Награда на ИОК – жената и спортот“. И годинава се доделени награди на шестмина застапници на родова еднаквост, од тоа пет континентални и една светска, јави ИОК.
– Секој проект е животна заложба за унапредување на родовата еднаквост на и надвор од теренот за игра. Секој од наградените ја демонстрира моќта на спортот да ја направи родовата еднаквост реалност. Ги славиме нивните одлични придонеси во една година во која олимписките игри првпат ќе имаат рамнотежа меѓу половите, со еднаков број машки и женски спортисти, кои ќе се натпреваруваат на Летните олимписките игри во Токио годинава – изјави претседателот на ИОК Томас Бах.
Во Олимписката повелба на ИОК, меѓу другото, пишува: „ИОК ја охрабрува и ја поддржува промоцијата на жените во спортот на сите нивоа и во сите структури за спроведување на принципот на еднаквост на мажите и на жените“.
– Сите овие 20 години наградите за жени и спорт на ИОК се можност да се слават креаторите на промената и да ја покажат важната улога што спортот може да ја игра во решавањето на прашањата за родова еднаквост – вели, меѓу другото, Лидија Нсекера, претседателка на Комисијата на ИОК за жени во спортот.
Мешковска: Имам голема почит за тие жени и редица други, кои успеале да се изборат за исти права со мажите
Јас на 8 март ќе се качувам на Водно, заради релаксација, но и за одржување на физичката кондиција. Попладнето ќе бидам покрај и во базенот со децата, ќе се дружиме и ќе ги учам да пливаат правилно. Што се однесува до 8 Март и поводот за прослава на тој ден, јас имам голема почит за тие жени и редица други, кои успеале да се изборат за исти права со мажите, за рамноправност и за еднаквост каква што постои во сите области на човековото живеење – вели Мешковска, редовна професорка по пливање и ватерполо на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје, повеќекратна рекордерка на Македонија во пливање, учесничка на Летните олимписки игри во 1996 година во Атланта, САД. Л.Д.
Војневска-Зикова: Го почитувам тој ден
Ако јас се прашувам, 8 март би требало да биде секој ден во годината. Го почитувам тој ден, им го честитам на сите што го слават, но мене лично не ми е ништо посебно, не му придавам поголемо значење. Јас сум за родова рамноправност, се залагам и се борам за неа секојдневно, вели Александра Војневска-Зикова, која сега е претседателка на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), поранешна спринтерка, олимпијка од Атина во 2004 година (настапи на 100 метри). Л.Д.
Кастратовиќ: Секоја жена сака и заслужува внимание и почит, но не само еден ден во годината
Убаво е што има ден во годината што ѝ е посветен на жената. Секоја жена сака и заслужува внимание и почит, но не само еден ден во годината, туку сите 365 дена. Мене секој ден ми е 8 март, вели Индира Кастратовиќ, некогашна ракометарка, европска првенка со Кометал Ѓорче Петров, најдобар стрелец (71 погодок) на Светското првенство во 1997 година во Германија, кога репрезентацијата на Македонија го освои седмото место. Та.Д.