На олимписката кајак патека во Аугсбург, Германија минатиот викенд се одржа натпреварот во спринт на диви води во рамките на Светската серија. На тој натпревар настапија и двајца македонски кајакари, Љубомир Спасиќ, кој се пласира на 16-то и Александар Златаров кој беше 17-ти, во конкуренција на 71 натпреварувач од 12 земји.
На истата патека во Аугсбург, Спасиќ и Златаров настапија и на натпреварот од третото коло во рамките на Европскиот куп (има вкупно шест натпревари од кои се бодуваат најдобрите четири пласмани). Спасиќ се пласираше во финалето и во конкуренција на 15 кајакари беше седмопласиран. Златаров не стигна до финалето, беше 19-ти.
По тој натпревар Спасиќ е на водечката позиција на европската ранг листа за 2019 година со 251 поен и со реални шанси да го задржи првото место. Златаров моментално е трет. Спасиќ и Златаров во вторник заминуваат за Бовец (Соча), Словенија на Европското првенство (ЕП) на кое ќе настапат во две дисциплини, во спринт на 500 метри и во класик, на патеката долга 4,5 км. Л.Д.