Џиновското уметничко дело, кое е трајна инсталација, ги претставува полетувањето и точните височини и позиции на неговите патики, должината на историското патување на Пауел низ ноќното небо во Токио и неговиот допир при слетувањето на 8,95 метри

АТЛЕТИКА – БРИСЕЛ

Посетителите на паркот „Лакен“, во непосредна близина на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел, отсега имаат можност да се споредат со светскиот рекорд во скок во далечина на Американецот Мајк Пауел од 8,95 метри. Актуелниот светски рекорд, кој наполни 30 години на 30 август, беше поставен во епско натпреварување со Карл Луис на Светското атлетско првенство во Токио (Јапонија), во 1991 година, пишува Светската атлетика.
Анс Персонс, заменик-градоначалник за урбанистичко планирање. и Беноа Хелингс, прв заменик-градоначалник за клима и за спорт, во име на Филип Клоус, градоначалникот на градот Брисел, официјално инаугурираа нова скулптура во Брисел, со име „30 август 1991 година, Токио“. На настанот присуствуваа Пауел и скулпторот Пјер Ларауза.
Џиновското уметничко дело, кое е трајна инсталација, ги претставува полетувањето и точните височини и позиции на неговите патики, должината на историското патување на Пауел низ ноќното небо во Токио и неговиот допир при слетувањето на 8,95 метри. Посетителите на монументалното уметничко дело, исто така, можат да ја измерат нивната атлетичност. Трајно изградена покрај скулптурата е писта за скокање долга 40 метри и јама со песок за доскок.
Инаугурацијата на делото е кулминација на креативното патување за Ларауза, почнато во 2011 година. За скулптурата му беа потребни неколку години за да заврши со долгиот документарен процес (разложување на движењето, реконституција на оригиналните патики од архивски фотографии, средба на уметникот и спортистот во Лос Анџелес во 2019 година).