Тој систем е заштитна конструкција од титаниум над главата на возачите. Многу возачи беа против воведувањето на системот во Ф1, а меѓу нив токму Грожан, кој беше спасен благодарение на заштитниот костум и на безбедносниот систем „хало“, а по трката изјави: Искрено, бев против „хало“ пред неколку години, но сега мислам дека е одлична работа за Формула 1 и да не беше „хало“, денес не би можел да ви се обратам
ФОРМУЛА 1
Францускиот возач Ромен Грожан доживеа несреќа на трката во Бахреин, кога со полна брзина удри во заштитната ограда, а неговиот автомобил се преполови и експлодира, по што тој има изгореници на рацете и на глуждовите. Современата Формула 1 напредуваше во однос на безбедноста, а францускиот возач во Бахреин беше спасен благодарение на заштитниот костум и на безбедносниот систем „хало“.
Тој систем, воведен во 2018 година, е заштитна конструкција во пилотската кабина над главата на возачите, направена од титаниум, а тешка е околу девет килограми. Многу возачи беа против воведувањето на „хало“ во Формула 1, а меѓу нив токму Грожан. Воведувањето на системот измачуваше многу возачи, особено затоа што оваа титаниумска прачка е во нивното видно поле, па некои не можеа да се навикнат на новината.
– Цело време се обидував да се фокусирам на нешто напред, на средина…, не можам ни сам да го опишам тоа, очите ми се спојуваа, сѐ беше многу чудно – рече Грожан пред неколку години.
Францускиот возач рече дека отсега е голем поддржувач на системот „хало“.
– Искрено, бев против „хало“ пред неколку години, но сега мислам дека е одлична работа за Формула 1 и да не беше „хало“, денес не би можел да ви се обратам – напиша Грожан на социјалните мрежи по трката во Бахреин.
Директорот на Формула 1, Рос Браун, вели дека пред неколку години имаше многу полемики за воведувањето на тој систем.
– Но денес мислам дека никој не се сомнева во неговата валидност и кредибилитет – изјави Браун за „Скај спорт“.
Претходен пат болид на Формула 1 се подели на два дела во Монако во 1991 година, а последен пат еден болид се запали во несреќата во Имола во 1989 година.