Фото: Емил Јовановиќ

Не сум водел во натпревар за светската титула во класичен шах од 2014 година. Претходните два меча беа навистина тесни. Навистина се надевам дека ќе има малку повеќе „напред-назад“, наместо реми-партии како што беше претходните неколкупати. Тоа е мојата надеж, но и моето верување, вели Карлсен, кој титулата ја освои во 2013 година, потоа ја одбрани во 2014, 2016 и во 2018 година, а сега следува мечот со
Непомниашчи од 26 ноември во Дубаи

ШАХ – МАГНУС КАРЛСЕН

Постојат различни нивоа на подготовка за меч за светски првак. Би рекол дека главната компонента е шаховската подготовка, но, исто така, многу е важна физичката подготовка, од шаховски и од физички аспект, вели светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој со својот тим во октомври две недели се подготвувал во Кадиз, Шпанија, за мечот против претендентот за шаховската круна, Русинот Јан Непомниашчи. За време на престојот, светскиот шампион даде интервју, кое го пренесе „Шах24“, каде што зборува за тренинг-кампот, неговите први шаховски чекори, какви совети им дава на оние што почнуваат да играат шах…

Мечот за светски првак треба да почне на 26 ноември во Дубаи (ОАЕ). Што очекувате, како ќе се разликува мечот од изданијата во 2018 и во 2016 година?
– Лично се надевам дека овој пат ќе има помалку нерешени резултати од претходните неколкупати, бидејќи во основа не сум водел во натпревар за светската титула во класичен шах од 2014 година. Така, претходните два меча беа навистина тесни. Навистина се надевам дека ќе има малку повеќе „напред-назад“, наместо реми-партии како што беше претходните неколкупати. Тоа е мојата надеж, но и моето верување – вели Карлсен.

Какво е чувството да се биде светски првак на 22 години?
– Се разбира, чувството беше одлично. Таа 2013 година беше посветена на целта да станам светски првак. Во однос на возраста, веќе играв многу години и веќе се чувствував како искусен шахист, а сега гледаме дека луѓето добиваат велемајсторски титули на 12 и 13 години, така што навистина треба да се почне многу рано за да бидете силен играч – објаснува норвешкиот велемајстор.

Кој е вашиот совет за оние што почнуваат да играат шах?
– Oна што отсекогаш ми беше двигател во шахот, е дека тој ми беше забавен и интересен, а тоа трае и денес. Затоа, кога ќе почнете со шах, бидете малку трпеливи, оти нема да добиете веднаш сѐ. Но потоа правете го она што е интересно, она што е забавно за вас. Ако тоа е шахот, одлично, но ако е нешто друго, правете го тоа – вели Карлсен.

Кои се придобивките од овој спорт за оние што го практикуваат?
– Би рекол дека две работи ми беа важни. Шахот ве учи да размислувате аналитички и да бидете трпеливи, но мислам дека ве учи и да донесувате одлуки под притисок. Во шахот постојано сте под притисок на временските фактори, како на таблата така и на часовникот, а тоа ќе ви биде важно во секоја професија, дека треба да носите добро пресметани, но понекогаш и брзи одлуки под притисок, а тоа совршено се учи од шахот – рече Карлсен.


По 17 години повторно 14 класични партии

На претстојниот меч за светската шаховска титула може да има најмногу шах во претходните 17 години, бидејќи ќе се играат 14 партии. Победник е оној што прв ќе стигне до 7,5 поени. Претходен пат со 14 партии било играно во 2004 година. Ќе се игра со темпо од 120 минути за 40 потези, плус 60 минути за следните 20, плус 15 минути до крајот на партијата, плус 30 секунди за секој одигран потег, почнувајќи од 61-от, по играч. Претходните два меча, во 2016 и во 2018 година, се играа со темпо од 100 минути, па 50 минути…, во 12 партии. Наградниот фонд изнесува два милиони долари поделени 60 отсто за победникот, а 40 отсто за поразениот. Доколку мечот биде нерешен по 14 партии во класичен шах, наградниот фонд ќе се подели 55-45 отсто во корист на победникот во тајбрејкот со партии со побрзо темпо.