Само ракоплескање додека минува олимпискиот факел

ЗА ЛОИ ВО ТОКИО

Луѓето што ќе се сакаат да го видат олимпискиот факел за време на неговото патување низ Јапонија на крајот од идниот месец ќе бидат замолени да аплаудираат, наместо да ги бодрат тркачите што поминуваат покрај нив, а настанот може да биде прекинат ако толпата што се наоѓа на поставената патека премногу се зголеми.
Се очекува на овој настан да учествуваат десетици илјади спортисти, официјални лица и новинари, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“ на својата интернет-страница.
Организацискиот комитет (ОК) на Игрите во Токио соопшти дека ќе го пренесува овој чин на штафетата во живо на 25 март од Фукушима и ги охрабри луѓето тоа да го гледаат од дома.
Околу 10.000 носители на олимпискиот факел ќе го носат престижниот симбол на Игрите низ 859 локации во јапонските 47 префектури, што ќе кулминира со неговото пристигнување на главниот олимписки стадион на 23 јули.
– Без викање, без навивање. Ве молам, навивајте со плескање на рацете и одржувајте соодветно растојание во случај на пренатрупаност. Ако се покаже дека има густа толпа на улиците, движењето на факелот може да се запре, оти ние ѝ даваме приоритет на безбедноста – рече Јукихико Нуномура, заменик-генерален директор на ОК, на неодамнешниот брифинг со медиумите.