Фаворитите за највисок пласман ги впишаа и вторите победи на Отвореното првенство на Македонија во шах (девет кола), во Скопје. Единствено ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Хаџиманев (1.982, рангиран 24-ти) и интернационалниот мајстор (ИМ) Орце Данчевски (2.346, рангиран 5-ти), во ова коло ремизираа во 26-от потег во партија со заемна жртва и повторување потези, а во 1-то коло во 48-от потег тоа го сторија ФМ Илиќ (2.099, рангиран 15-ти) и Петрески (1.346, рангиран 50-ти). По ова коло дури 16 шахисти имаат максимален број поени.
Во првото и во второто коло белите фигури славеле 18, а црните фигури 16 пати, со по едно реми. Наградниот фонд на првенството изнесува 240.000 денари, поделен на 10 редовни и шест специјални награди. Победникот ќе биде побогат за 60.000 денари.
Првенството на кое играат 71 учесник (2 ВМ, 3 ИМ, 9 ФМ), има квалификациски карактер, па шестемина најдобри стекнуваат право за настап на Затвореното првенство на Македонија за 2019 година, кое ќе се игра со 10 шахисти.
Позначајни резултати од второто коло: Крстев (2.027) – ИМ Панчевски (2.495) 0-1, ВМ Станојоски (2.447) – Бајрами (2.016) 1-0, Стошевски (2.007) – ИМ Николовски (2.395) 0-1, ВМ Богдановски (2.390) – Велјаноски (1.994) 1-0, ФМ Хаџи-Манев (1.982) – ИМ Данчевски (2.346) реми, ФМ Лазов (2.225) – Пеев (1.957) 1-0, Манова (1.953) – ФМ Андоновски (2.287) 0-1, ФМ Динев (2.248) – Велковски (1.947) 1-0, Јорданов (1.918) – Милиќ (2.233) 0-1, ФМ Велески (2.211) – Селковски (1.905) 1-0 итн.
Г.И.