Рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев (2.736 рејтинг-поени, моментно 21-ви во светот), е нов европски првак во шах. Тоа е епилогот по 11-те одиграни кола на јубилејното 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое вечерва заврши во хотелот „Хилтон“ во Скопје во конкуренција на 361 шахист од 42 држави од кои 143 ВМ, за награден фонд од 100.000 евра.
Артемиев кој и пред почетокот на ЕП беше прворангиран, освои вкупно 8,5 поени (шест победи и пет ремија, без пораз), второто место му припадна на ВМ од Шведска, Нилс Гранделиус (2.694, рангиран 9-ти) исто така со 8,5 поени, но со послаб дополнителен критериум, додека трет е ВМ од Полска, Каспер Пиорун (2.631, рангиран 37-ми) со 8 поени, колку што имаат уште осумина шахисти. Покрај победничкиот пехар на Артемиев му припадна и паричната награда од 20.000 евра, Гранделус стана побогат за 15.000, а Пиорун за 10.000 евра.
Боите на Македонија ги бранеа вкупно 24 шахисти, а најдобар пласман, очекувано оствари ВМ Кирил Георгиев (2.595, рангиран 74-ти), кој со 7 поени (пет победи, четири ремија и два пораза), го освои 57-то место, додека втор најдобар резултат има ВМ Александар Чоловиќ (2.249, рангиран 178-ми), кој со 6 поени е 153-ти.
Најдобропласирана шахистка е Русинката Александра Горјачкина (2.504, рангирана 136-та), која со 6,5 поени го освои 71-то место. Досегашниот европски првак, Хрватот Иван Шариќ (2.703, рангиран 5-ти), заврши на 87-то место со 6,5 поени.