Во квалификациите ќе се сметаат одложените настани за 2021 година, Премиер-лигата во Рабат и ЕП во Гетеборг, како и квалификацискиот турнир, објави ВКФ
КАРАТЕ
По одложувањето на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Токио од годинава за в година и во договор со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Светската карате-федерација (ВКФ) го ревидира постојниот систем за квалификации за ЛОИ, објави ВКФ. Поради пандемијата на коронавирусот, а со оглед на тоа што Игрите во Токио допрва требаше да бидат одложени, требаше да се донесат итни решенија за да се обезбеди безбедност на каратистите од целиот свет.
Така, тоа влијаеше на олимпискиот квалификациски пат, откако квалификациските турнири, Премиер-лигата во Рабат (Мароко) и Европско првенство за сениори (ЕП) во Баку (Азербејџан), беа откажани, а четворицата спортисти по категорија, кои се квалификуваа на Игрите преку олимписките пласмани, требаше да бидат објавени, оти се приближуваше олимпискиот квалификациски турнир, пишува ВКФ, во образложението на одлуката.
По одложувањето на ЛОИ и одобрувањето на новите принципи за квалификации за ЛОИ од ИОК, ВКФ го преиспита системот на квалификации, за да се приспособи во новата ситуација и да се нормализира процесот што беше драматично погоден од појавата на ковид-19. Со зачувување на суштината на оригиналниот олимписки квалификациски систем и распределувањето на ист број турнири на квалификацискиот пат како главни принципи, потребно е во олимписките табели да се вклучат пропуштените можности, а на кои влијаеше ковид-19, па, така, во квалификациите ќе се сметаат Премиер-лигата во Рабат во 2021 година и сениорското ЕП во 2021 година во Гетеборг (Шведска), како замена за ЕП 2020 во Баку (Азербејџан), и треба да се презакаже квалификацискиот турнир за 2021 година, објави ВКФ.
Во Токио ќе има по 10 натпреварувачи во секоја категорија (тројца од квалификацискиот турнир, четворица од олимписката ранг-листа, еден претставник на домаќинот на ЛОИ и двајца со т.н. вајлд-карта).