Светската шаховска федерација (ФИДЕ) внимателно ги следи најновите случувања во врска со коронавирусот, притоа појаснувајќи дека Турнирот на кандидати за предизвикувач на светски првак во шах (15 март – 5 април), во Екатеринбург (Русија), не е масовен настан, а малиот број учесници (осум), овозможува подетално да се следи и да се внимава на нивната здравствена состојба. ФИДЕ информира и кои мерки ги презеде во врска со овој настан. Така, сите шахисти, официјални лица и посетители, ќе бидат подложни на проверка од медицински лица за евентуални симптоми на коронавирус пред да влезат во салата за играње. Средствa за миење раце врз база на алкохол ќе има постојано, како и заштитни маски, кои во зависност од ситуацијата, може да бидат и задолжителни за публиката.
Растојанието помеѓу шахистите и првите редови за гледачите во салата ќе биде најмалку 15 метри. Ракувањата на шахистите пред и по партијата не се задолжителни. Превентивни мерки (маски, средства за дезинфекција и сл.) мора да бидат обезбедени во сите хотелски простории каде што ќе престојуваат шахистите и службените лица, како и во сите возила што ќе се користат за време на турнирот, се вели, меѓу другото, во соопштението на ФИДЕ.