Магнус Карлсен – Тимур Раџабов и Јан Непомнијашчи – Весли Со, се полуфиналните двојки на шестиот по ред интернет-турнир на шампионите во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди по секој потег, по играч) „Крипто-куп“, вреден рекордни 320.000 евра, од вкупната серија на 10 турнири, која ќе заврши во септември годинава.
Во четвртфиналните дуели, светскиот првак, Норвежанецот Карлсен го победи Американецот Хикару Нкамура во т.н. тајбрејк (пет минути, плус две секунди по играч) со 2-0, Американецот Со беше подобар од Французинот Максим Вашер Леграв (5-2), Русинот Непомнијашчи од Амероканецот Фабијано Каруана (5,5-4,5), а Азербејџанецот Раџабов од Холанѓанецот Аниш Гири (4,5-3,5).
На турнирот настапија 16 шахисти, а по регуларниот дел, во кој прв беше Каруана со 10 поени од 15 партии, а Карлсен беше шести со 8,5, понатаму се пласираа првите осуммина.
На првиот и на третиот турнир славеше Со, на вториот Раџабов, на четвртиот Гири, а на петиот Карлсен и тие обезбедија пласман на финалниот турнир. Засега во генералниот пласман води Карлсен (185 бода), пред Со (145), а трет е Раџабов (109). Г.И.