По новата победа на велосипедист на Скај на Тур де Франс, со триумфот на Герент Томас, се појавија повици за ограничување на доминацијата на британскиот клуб.
Додека Томас вели дека по победата добил честитки и од Арсен Венгер, Елтон Џон и од Тиери Анри, а за триумфот предвидена е и парада со отворен автобус во Велс, истовремено, директорот на Тур де Франс, Кристијан Прудом побара трката да стане помалку предвидлива, објавија британски медиуми.
Некои весници од Франција, пак, дадоа идеја за ограничување на платите, т.н. селари кеп, за тимовите, истакнувајќи дека Скај има претпоставен буџет од околу 30 милиони фунти, а Санвеб, од каде што е второпласираниот на Тур, Том Думолин, се претпоставува дека има за 50 отсто помал буџет, а Мовистар располагал со околу 12 милиони фунти годишно.
Оваа идеја за ограничување ја објави и победникот од 2014 година, Винченцо Нибали, се надоврза и францускиот весник „Либерасион“, а неименуван спортски директор од Франција рекол дека паричните ограничувања би придонеле за повозбудлива трка.