БОКС

Искусниот руски боксер во тешка категорија, Александар Поветкин (40), го победи Британецот Дилијан Вајт (32), човекот што 1.000 дена беше прв предизвикувач за појасот во тешка категорија, со нокаут во петтата рунда.
Вајт се сметаше за голем фаворит во овој меч, а во текот на борбата двапати во четвртата рунда го прати Русинот на подот, но силниот аперкат на Поветник, сепак, проработи во вистинскиот момент. Поветкин, кој во кариерата има пораз само од Владимир Кличко и од актуелниот првак Ентони Џошуа, во кариерата долга 15 години (36 победи), сега стана можен предизвикувач на Тајсон Фјури за ВБЦ-титулата.

– Не очекував дека на ваков начин ќе ја завршам борбата, но и понатаму верував во своите можности. Не беше тоа многу страшно, ниту бев потресен, што двапати бев на подот. Што се однесува за иднината, за тоа ќе одлучуваат менаџерите – прокоментира по победата Поветкин.

Вајт, кому ова му беше втор пораз во кариерата, веднаш по мечот побара реванш од познатиот боксерски промотор Еди Херн, а кулоарските разговори велат дека ќе го добие, а можеби и до крајот на годината. Вајт со овој пораз се оддалечи од борба за посакуваниот појас, оти сѐ одеше во прилог да се бори против подобриот од мечот помеѓу Тајсон Фјури и Ентони Џошуа.