Томи по победата во Канада на езерото Сен Жан

ТОМИ СТЕФАНОВСКИ (2)

Пред 10 години Томи Стефановски го преплива Ла Манш, а во 2016 година на залезот од кариерата ги постигна најголемите резултати во маратонско пливање – победи на Охридскиот маратон и триумфира во ФИНА-купот. Тој имаше бурна кариера со многу спомени и емоции од трките и од моментот кога се најде и во „Куќата на славните“

Еден од најдобрите македонски спортисти, Томи Стефановски, има многу нешта да кажува за својата долгогодишна кариера, која и сега продолжува на мастерсите во далечинско пливање за ветерани. Тој почна како пливач, потоа продолжи со ватерполото, за конечно во почетокот од 90-тите години од минатиот век по почетокот на првиот возобновен Охридски маратон во 1992 година далечинското пливање да стане негов основен спорт. Во првиот напис за Томи ги опишав неговите почетоци во пливачкиот спорт и во ватерполото, а сега ќе се потсетиме на она по што стана славен во светот на спортот, маратонското или, како што го нарекуваат, далечинско пливање.

Постариот брат Боро, кој постојано беше тука покрај Томи, зашто и тој беше и пливач и маратонец, убаво се сеќава на првиот маратонски настап на Томи.
– Сите се зачудија кога на стартот на еден маратон на Дојранско Езеро, покрај повеќето маратонци се појави и Томи. Тогаш тој имаше само 13 години и многумина, иако го познаваа како добар пливач со освоени медали меѓу пионерите во поранешна Југославија, сомнително вртеа со главата и се прашуваа дали ова не е преголем залак за него. Но Томи ги разубеди сите, одлично исплива и уште во тие мигови најави дека во него се кријат големи способности. Овој старт беше охрабрувачки и ми се чини дека тоа беше пресудно сериозно да размислува за далечинското пливање, како негов основен спорт, а трките во базен и ватерполото да бидат само како дополнување на неговите тренинзи – се сеќава Боро.

ОХРИДСКИОТ МАРАТОН КАКО МАГНЕТ

Во меѓувреме Томи Стефановски продолжи да игра ватерполо и да се натпреварува на најразлични дистанци, но не ја испушташе шансата да настапува и на некои помали маратони. Конечно во 1992 година, кога се возобнови Охридскиот маратон, Томи ја виде вистинската шанса.
– Веќе имав некое искуство во далечинското пливање во кое не може да се симулира трката, туку треба да се плива и да се бориш со времето и со километрите. Затоа, почнав секојдневно да поминувам по 4-5 часа во базенот. Маратонот на Охридско Езеро, кој со нетрпение го очекував, беше како магнет не само за мене туку за сите македонски маратонци. За него посебно се подготвувавме и посакувавме токму тука, пред своите гледачи да постигнеме високи пласмани, а ако е можно и да победиме. На првиот маратон, кој за мене беше и прв поголем испит во далечинското пливање, се пласирав на одличното петто место. Бев презадоволен и веќе на секој следен маратон во Охрид се стремев да постигнам што подобар резултат. Меѓутоа, до победа не можев да дојдам, зашто конкуренцијата беше жестока. Затоа, се задоволував со пласман меѓу првите петмина и го чекав моментот кога и јас прв ќе поминам низ целта – вели Томи.
Во тоа време доминантни на светската сцена беа маратонците од Аргентина, Франција, Италија, Словенија, а тогаш се појави и еден од најголемите шампиони во далечинско пливање, Бугаринот Петар Стојчев. Тој го преплива и Ла Манш и уште е рекордер во пливањето преку каналот, кој е предизвик за секој маратонец.

НЕЗАБОРАВНИ ТРКИ СО СВЕТСКИТЕ ГИГАНТИ

Од настапите во Охрид, пред онаа конечна победа во 2016 година, Томи има многу сеќавања и емотивни моменти. Но, сепак, вистинската страст кај него се разбуди во 2000 година кога Словенецот Игор Мајцен постави рекорд на патеката, што го носи името на поранешниот наш маратонец Климе Савин.
– Тоа беше вистинска борба со пливачките гиганти. На овој маратон ги испробував моите можности и ми стана јасно дека ако сакам да се вивнам во врвот треба да преземам и одреден ризик. Така, на маратонот во таа 2000 година, по поминати повеќе километри Игор Мајцен нѐ изненади и неочекувано го засили темпото и создаде предност од околу 200 метри. По него тргна и Медина. Во една таква ситуација во која се разгоре битката јас немаше што да чекам, па со уште двајца маратонци тргнавме во потера. Си помислив, ако сакам да бидам врвен маратонец ова е убава шанса да се проверам себеси и да видам дали можам или не. Тоа за мене беше првиот маратон во кој почувствував некоја посебна сила и на крајот бев петти. И на претходните маратони во два наврата завршував на оваа позиција, но оваа трка беше некако посебна, таа беше голем тест за мене. Ако во минатото пливав во едно темпо за да допливам, сега пливав да проверам колкав е мојот вистински капацитет. Тоа ми беше најбрзиот Охридски маратон, кој многу ме охрабри и ми беше инспирација да одам натаму. Веќе немаше враќање. Тренинзите станаа уште пожестоки, често тренирав со Петар Стојчев, кој во тие години беше најсилниот светски маратонец. Се подготвувавме во Софија, Сандански и на други места, каде што имавме услови за непречен тренинг- се сеќава Томи.
Така, дојде и моментот кога во 2001 година Томи стана првиот Македонец што се искачи на пиедесталот на Охридскиот маратон. Беше трет, зад Стојчев и зад Аргентинецот Габриел. Потоа, имаше и второ и уште две трети места, но до конечната победа требаше да причека, зашто истата година на маратонот во Аргентина на патека долга повеќе од 60 километри, почнаа да го мачат повредите.

СОВЛАДАН ЛА МАНШ, ПОБЕДА ВО ОХРИД

Потоа, Томи плива со помал интензитет. Операциите се нижат една по друга, сѐ до шестата во 2006 година во Австрија, која беше најуспешна. Сега охрабрен и без проблеми со рамото паралелно со маратоните играше и ватерполо, дури и настапи на првите квалификациски турнири на македонската репрезентација за Европското првенство во Данска и во Англија.
– Далечинското пливање на 10 километри стана олимписка дисциплина и желба ми беше да настапам на ЛОИ во Пекинг. Тренирав напорно, на еден тренинг верувале или не заспав во водата. Но не знам од кои причини, најверојатно поради незаинтересираност во Пливачката федерација, не отпатував на квалификациските трки. Затоа, пред себе си ја поставив следната цела, а таа беше напад на Ла Манш – вели Томи, кому тогаш му се роди и првата ќеркичка.
Конечно, во август пред 10 години го остварува големиот потфат и го препливува каналот, и тоа со 11-то постигнување на сите времиња. Неговото време беше побрзо од осум часа.

– Заминав со голем товар за Англија, зашто притисокот врз мене беше голем, а и во Македонија завладеа вистинска еуфорија. Знаев дека морам да успеам и успеав. Заслуга за тоа има и мојата сопруга Билјана, која откако мојот секундант Васе Велков го зафати морска болест, таа беше онаа што ме охрабруваше од бротчето и ми додаваше освежителни пијалаци. На крајот бев пресреќен кога на францускиот брег ме пречекаа една поголема група нашинци со развиорено македонско знаме – вели тој.
Томи се задоволи со овој подвиг и наместо тој да биде стимул, се случи спротивното. Се повлече и го немаше на водните патеки. Но јуначкото срце не можеше да издржи.
– Се вратив во базенот за да ги спуштам наталожените килограми. Но наместо тоа од ден на ден го засилував интензитетот на тренинзите и почувствував дека уште сум силен. И навистина беше така. На еден маратон во Канада бев трет, за во 2013 година на езерото Сен Жан да триумфирам и во моја чест да се интонира македонската химна. Потоа имав и трето место на маратонот во Аргентина. Настапував и во топлите води во Кина, а и во екстремно студени води. Така, се сеќавам на еден маратон кога поради студот никој не ја заврши трката – вели Томи.
Томи Стефановски, сепак, не беше задоволен од дотогаш постигнатото. Затоа, по закрепнувањето во 2015 година веќе следната година ги реализира поставените цели, за крај на кариерата.
– Таа година беше најплодна во мојата кариера. Победив на Охридскиот маратон и тоа во еден незаборавен финиш, а го освоив ФИН- купот во маратонско пливање. Можеби овие резултати, кои беа круна во мојата кариера, беа повод да се најдам и во „Куќата на славните“ во Лос Анџелес, каде што ги доживеав можеби најубавите и најемотивни моменти во мојата кариера – ја завршува својата приказна Томи Стефановски.
За Томи и за неговата кариера има уште многу да се пишува, но тоа го оставам за некоја друга пригода, можеби и за книга за браќата Боро и Томи Стефановски.