Ова секако беше добар тест да ги испробам своите можности во оваа, за мене, нова категорија до 87 кг, која ќе биде применета и на ЛОИ. Истовремено бев и претпазлив да не ги откријам сите мои тактики, а внимавав и да не дојде до повреди, за да бидам максимално подготвен на квалификацискиот турнир во јуни, вели Павлов, по настапот на олимпискиот тест-турнир

КАРАТЕ – ПО НАСТАПОТ ВО ФРАНЦИЈА

Задоволен сум од овој мој настап на олимпискиот тест-турнир во Париз. Имав три борби, од кои во две, и тоа против Шпанците Матијас Гомез и Раул Куервас, извојував победи, а загубив од Австриецот Стефан Покорни. Ова секако беше добар тест да ги испробам своите можности во оваа, за мене, нова категорија до 87 кг, која ќе биде применета и на Олимпијадата во Токио. Но истовремено бев и претпазлив, во смисла да не ги откријам сите мои тактики, а внимавав и да не дојде до повреди, со намера на главниот квалификациски турнир во јуни да бидам максимално подготвен за предизвикот што ме очекува, вели македонскиот каратист Емил Павлов.
Павлов, кој е член на КК Штип, е кандидат за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, годинава (од 23 јули до 8 август). Двократниот европски првак, во 2014 и во 2018 година, освојувач на две европски бронзи, во 2016 и во 2019 година, и на бронза и од Европските игри во Баку во 2015-та, викендов беше дел од олимпискиот тест-турнир во Париз, кој беше и генерална проба пред квалификацискиот турнир за ЛОИ, исто така, во Париз, од 11 до 13 јуни. А од таму само првите тројца од секоја категорија ќе настапат на ЛОИ во Токио.

– Во Париз бевме вкупно 14 каратисти од повеќе држави поделени во четири групи со по тројца каратисти и секој со секого се бореше во својата група. Овој систем и не ми беше непознат, беше применет и на Европските игри, па сметам дека е многу подобар, бидејки остава мал простор и да загубиш, а да можеш потоа да влезеш во полуфиналето или во финалето, оти се бодуваат и нерешената борба и победата – појаснува Павлов, кој во Париз настапи по покана на Француската карате-федерација.
Турнирот во Париз истовремено претставуваше и тест за тоа како би се одржало едно вакво натпреварување во услови на пандемија на коронавирусот.

– Мерките против ковид-19 беа според сите можни протоколи, бидејќи во спротивно немаше да се одржеше турнирот – вели Павлов, кој настапува во категоријата до 60 кг и моментно е осми на светската ранг-листа.
На турнирот победи домашниот каратист Стивен Дакоста (24), кој зад себе има златни медали од Светското првенство во 2018 година, потоа од ЕП 2016 и од ЕП 2019, а бил и прв на Светските игри во 2017 година, настапувајќи токму во категоријата до 87 кг.