Почетокот е предвиден за петок (13 часот според средноевропско време), а ќе трае околу три часа. Поради ограничувањата во врска со ковид-19, бројот на спортистите што ќе присуствуваат на церемонијата ќе биде намален

Церемонијата на отворање на Летните олимписки игри (ЛОИ) е в петок, 23 јули, еден ден порано од првично планираниот датум пред пандемијата на ковид-19 и со речиси идентичен распоред. Почетокот е предвиден за 20 часот по локално време (13 часот по средноевропско), а ќе трае околу три часа. Поради ограничувањата во врска со ковид-19, бројот на спортистите што ќе присуствуваат на церемонијата ќе биде сериозно намален, иако тоа не би требало да влијае на времетраењето на целата церемонија.
Во почетокот на јуни беше потврдено дека францускиот претседател, Емануел Макрон, планира да присуствува на отворањето на презакажаните ЛОИ, бидејќи во Париз треба да се одржат следните Игри, во 2024 година. Се очекува присуство и на првата дама на САД, Џил Бајден.
Олимпискиот стадион ќе биде местото на церемонијата на отворањето и на затворањето на Игрите. Ова е сосема нов стадион, дизајниран од еминентниот архитект Кенго Кума, а е изграден на истото место на стариот и потоа урнат Олимписки стадион од 1964 година. Организаторите сугерираат дека церемониите ќе бидат поедноставени, во согласност со пандемијата.
Репрезентациите на отворањето ќе влегуваат на стадионот според редоследот на јапонски јазик. На претходните ЛОИ во Јапонија во 1964 година, се користел поредокот на англиски јазик. Единствен исклучок ќе бидат Јапонија, која како земја-домаќин ќе влезе последна, и Грција, која на секои ЛОИ влегува прва.
На Игрите ќе нема гледачи, за да се намали ризикот од ширење на ковид-19, со ретки исклучоци.


Неколку позитивни на ковид-19 пред почетокот на ЛОИ

Тројца члена на олимпискиот фудбалски тим на Јужна Африка биле позитивни на тестот за ковид-19 по пристигнувањето во олимпиското село во Токио, објави Јужноафриканската фудбалска асоцијација, пренесува „Си-ен-ен“. Тоа се првите спортисти со позитивен тест за ковид-19 во олимпиското село.
Првиот позитивен случај во селото беше пријавен во саботата, но се верува дека не е спортист. Надвор од селото, трет спортист бил позитивен на тестот во неделата, објавија организаторите. Вчера, организаторите регистрираа шест нови случаи на ковид-19 поврзани со Игрите, вклучувајќи медиуми и други службени лица, но ниту еден во селото. Со тоа вкупниот број позитивни случаи на ковид-19 достигна 62, од кои 28 се меѓу 22.000 акредитирани лица што пристигнале од странство.
Токио во моментов е во вонредна состојба и ќе остане најрано до 22 август, во услови на зголемен број новозаразени со ковид-19. Игрите, кои лани беа одложени поради пандемијата, ќе се одржуваат без гледачи и под строги правила.