Мастерс досега учествувала на пет параолимписки игри (три летни и две зимски), се натпреварувала во четири спорта (кајак, велосипедизам, кроскантри-скијање со санка и биатлон) и има 10 медали (четири златни и по три сребрени и бронзени) на зимски и на летни ПОИ
Со освојувањето на двата златни медали во два дена во женската друмска велосипедска трка и во женската хронометарска трка на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, американската параолимпијка Оксана Мастерс стана една од 28-те спортисти што освојувале златни медали и на летни и на зимски параолимписки игри. Таа досега била дел од пет параолимписки игри (три летни и две зимски), се натпреварувала во четири спорта (кајак, велосипедизам, кроскантри-скијање со санка и биатлон) и има вкупно 10 медали (четири златни и по три сребрени и бронзени). Мастерс треба да настапи и на зимските ПОИ в година во Пекинг.
– Не можам да поверувам. Никогаш не сум победила на друмска трка во мојот живот и никогаш не сум мислела дека некогаш ќе победам на друмска трка – изјави Мастерс.
Мастерс, која детството го поминала во сиропиталиште, на 13 години почнала да весла, а во 2012 година на ПОИ во Лондон освоила бронзен медал во кајак, мешани двојки. Веднаш потоа почнала со скијање и со само 14 месеци тренинг пред ПОИ во Сочи, во 2014 година, во Русија освоила сребрен и бронзен медал во дисциплините нордиско скијање на санка на 12 км, односно на пет километри. Поради повреда на грбот по Сочи, таа почнала да се занимава со велосипедизам како еден вид рехабилитација и за да ѝ помогне да одржи кондиција. Се квалификувала на ПОИ 2016 во Рио де Жанеиро, но завршила на четвртото место во друмската трка. Следен предизвик ѝ биле ПОИ во Пјонгчанг во 2018 година, каде што освоила по два златни (1,5 км крос-кантри спринт, пет км крос-кантри) и сребрени (шест км биатлон, 12,5 км биатлон) и еден бронзен медал (12 км крос-кантри).