Ниту сите забрани со кои во моментов се соочува целиот свет поради пандемијата на коронавирусот, не спречија повеќе од 2.500 тркачи од 50 земји да учествуваат во предизвикот наречен „Карантин-двор-ултра“. Тркачите беа предизвикани да трчаат по 6,7 километри секој час, во дворот од својата куќа или на подвижна лента, а победник е тој што истрча најмногу рунди. Најистраен во карантинската трка беше 45-годишниот Американец Мајкл Вардијан, кој истрча 63 трки, односно трчаше 42 часа во кои помина 422 километри.
Тој е еден од најпознатите светски ултрамаратонци и екстремни спортисти, човек што победувал на голем број предизвици, вклучувајќи го и Светскиот маратонски предизвик, во кој за седум дена се трчаат седум маратони на седум континенти.