Со одлука на Советот на светскиот мотоспорт, од следната сезона тимовите во Формула 1 (Ф1) ќе имаат буџетски лимит од 145 милиони долари. Договорено е лимитот да се намалува од година на година, така што во 2022 година ќе изнесува 140 милиони долари, а од 2023 до 2025 година, 135 милиони долари, базирано на сезона од 21 трка.
Водечките тимови во Ф1 во моментов трошат околу 200 милиони долари по сезона. Претходно тимовите на Ф1 се согласија буџетската граница за 2021 година да изнесува 175 милиони долари, но таа мораше да се промени, а причина беше кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, оти сезоната уште не е почната.
– Ова е клучен и успешен момент за нашиот спорт, бидејќи Ф1 извесно време е финансиски неодржлива, а неактивноста ја ризикува нејзината и иднината на нејзините учесници, кои, пак, треба да се пофалат оти ова прашање го решија заедно и решително – задоволно рече за британските медиуми директорот на Мекларен, Зак Браун.
Меѓу промените е и воведувањето на „аерохендикеп-системот“ за поуспешни тимови. Ним сега ќе им се ограничи времето за развој на болидот во однос на пласманот во првенството, со намера послабите тимови да им се приближат до водечките.
Екипите можат да направат само одреден број промени на болидите од оваа година за следната сезона, а воведувањето нови болиди и дел од новите правила се одложени за 2022 година