Големиот Вејн Грецки е единствениот што побрзо од Овечкин, на 1.001 натпревар, постигнал 750 гола

ХОКЕЈ НА МРАЗ

Русинот Алекс Овечкин продолжува да маршира кон голгетерскиот рекорд на хокеарската легенда, Канаѓанецот Вејн Грецки, во канадско-американската НХЛ-лига. Овечкин (36), напаѓачот и капитен на Вашингтон, на мечот со Колумбус (3-1) го постигна 750-от гол, на 1.220 натпревари во кариерата, втор најбрз ефект на играч во НХЛ, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП).
Големиот Грецки, кој настапуваше за Едмонтон оилерс, Њујорк ренџерс, Лос Анџелес кингс и други, е единствениот што побрзо од Овечкин, на 1.001 натпревар, постигнал 750 гола. Овечкин ѝ се приклучи на елитната група играчи на НХЛ, кои постигнале најмалку по 750 гола, во која се најефикасниот на сите времиња, Грецки (894 гола), „господинот Хокеј“, Горди Хау (801), и чешката ѕвезда Јаромир Јагр (766). Следен на списокот играчи чии постигнувања може да ги надмине Овечкин е Јагр, кој има 766 гола во НХЛ-кариерата.
– Навистина убава бројка. Само напред – изјави Овечкин, кој сезонава постигна 20 гола на 25 натпревари.
Овечкин им се придружи на Марсел Дион, на Јагр и на Матс Сундин, кои се единствените што постигнале 20 и повеќе голови во секоја од првите 17 сезони во НХЛ.