Со скијањето на сувите патеки повеќе се развива чувството за скијање и за свртување, кое потоа се пренесува на снег и единствено само се приспособува на поголема брзина, вели поранешниот член на британската скијачка екипа Ник Фелоус
Скијањето и сноубордот се синоним за зимата и за снегулките што паѓаат од небото, но снегот не е единствен предуслов за реализација во овие спортови и во периодот кога нема снег.
Новите технологии на „суво скијање“ во денешно време им овозможуваат на врвните скијачи да скијаат на вештачки подготвени патеки од пластични четки, кои нудат слични можности како во зимскиот период.
Доста масовна е изградбата на суви скијачки падини низ цела Велика Британија, кои од април до октомври се искористени за реализација на регионални и на национални трки.
Овие настани се одлична можност и за аматерите, да ги испробаат натпреварувачките страни на спортот со минимални вештини. На интернет-страницата на клубот Боулс ски расинг повикуваат: „Ако можете да скијате слалом (дури и мошне бавно), можете да учествувате“. Свои искуства од сувите патеки сподели и скијачот во Светскиот куп Дејв Рајдинг.
– Јас сум доказ дека скијањето на сува патека може да биде остварлив пат за сите спортисти што сакаат да се натпреваруваат на елитното ниво. Ги немав истите услови како скијачите од „снежните нации“, кои од тригодишна возраст скијаат на снег. Првиот тренинг на снег го имав на 13-годишна возраст. Но и покрај тоа, сепак, успеав да фатам чекор и чекорам со врвните. Можеби никогаш немаше да се занимавам со скијање да не беше мојата локална сува скијачка падина – вели Рајдинг, кој својата кариера ја почнал во скијачкиот клуб во Ланкашир, а на победничкиот пиедестал во Кицбил на трка од Светскиот куп се искачи во 2017 година.
Поранешниот член на британската скијачка екипа и актуелен коментатор на Еуроспорт, Ник Фелоус, смета дека тренингот на суви патеки може да им помогне на спортистите со елитни аспирации на многу начини, вклучувајќи и подготовка за натпревар на снег.
Според Фелоус, на сувите падини скијачите возат со помала брзина, поприспособливи се техниката и прецизноста, допирот, времето и ефикасноста се попрефинети. Забелешките можат да се сметаат за веродостојни, бидејќи Фелоус бил шампион во сува патека во 1985 година. Исто така, тој додава дека сувите патеки за тренинг се пократки од тие на снег, па затоа тренерите и скијачите повеќе работат на брзината, како дел од тренингот.
Но за него е најважно тоа што на сувите патеки повеќе се развива чувството за скијање и за свртување, кое потоа се пренесува на снег и единствено само се приспособува на поголема брзина. Важен момент за него е и тоа што при скијање на сувите патеки скијачите се многу повнимателни поради ситните четки под нозете и прават многу помалку грешки.