Шпанскиот тенисер Рафаел Надал (34) триумфира на годинашниот гранслем-турнир Ролан Гарос, победувајќи го во големото финале Австриецот Доминик Тим со 6-3, 5-7, 6-1, 6-1. Со овој успех Надал го освои својот вкупно 18-ти гранслем-турнир, а рекорден 12-ти на Ролан Гарос од 15 настапи, што претставува огромен успех ако се знае дека имаше многу здравствени проблеми изминатите години. На париската земја, Надал едноставно е непобедлив, а неговите 93 победи и само три порази, како и инкасирани 22 милиони долари доволно зборуваат за сѐ.
Нему сега му недостасуваат само уште два гранслема за да го стигне Швајцарецот Роже Федерер, кој е прв во светот со 20, а моментно прворангираниот во светот, Србинот Новак Ѓоковиќ има 15 гранслем-триумфи.
– Ако ме прашувате дали би сакал да го стигнам Федерер, секако дека сакам, но тоа не си го поставив како една од целите во кариерата. Тоа не е начинот на кој јас гледам на спортот и се обидувам да не размислувам за тоа дали ќе го стигнам Федерер. Не можеш да бидеш фрустриран затоа што твојот сосед има поголема куќа или поголем телевизор од тебе или, пак, поубава градина. Ако завршам како тенисер со најмногу трофеи во историјата на Ролан Гарос, нормално дека ќе бидам среќен, но не сметам дека мојата иднина како тенисер ќе вреди повеќе ако се израмнам со рекордот на Федерер или ако направам нешто како Ѓоковиќ. Јас, едноставно, не гледам така на спортот – изјави Надал.
Неговиот рекорд во Париз секако дека ќе биде тешко достигнат, а ја надмина и Австралијката Маргарет Корт, која 11 пати триумфирала на гранслем-турнирот Австралија опен. Но оваа победа, сепак, не го донесе поблиску до водечкиот на АТП-листата, Ѓоковиќ, напротив уште повеќе ја зголеми разликата меѓу нив, со оглед на начинот на бодување во овој спорт. Со оглед на тоа што Надал триумфира и лани во Париз и со тоа го задржа нивото на игра, тој практично не доби нови бодови, за разлика од Ѓоковиќ кој со пласманот во полуфиналето инкасира нови бодови, со што ја зголеми нивната меѓусебна разлика за нови 360 поени. Со тоа Ѓоковиќ е на врвот веќе 32-ра недела во низа, а вкупно 255-та во неговата кариера, на една листа на која засега е недостижен Федерер со 310 недели на врвот на АТП-листата.
Во женска конкуренција, на ВТА-листата и понатаму води Јапонката Наоми Осака, но голем скок од осмата на втората позиција направи Австралијката Ешли Барти, годинашната сензационална победничка на Ролан Гарос.