Наташа Костовска, членка на планинарскиот клуб ВАК Анапурна од Скопје, пред неколку дена успеа да се искачи на највисокиот врв во Западна Европа, Мон Блан (4.808 метри) на Алпите.
Претходно, во рамките на истата експедиција, Костовска се искачи и на врвот Гран Парадизо (4.061 метар) во Италија заедно со уште една македонска планинарка, Даница Стојановска.
Костовска била дел од мешаната 13- члена група планинари од Балканот, најмногу од земјите на поранешна СФР Југославија, од Хрватска, Србија, Црна Гора, БиХ и од Македонија во која недостигале само Словенци.
– Се искачувавме по т.н. космик рута, таа е алпинистичка насока, со глечери, пукнатини, беше доста напорно, потребна е добра физичка и ментална подготвеност за реализација на еден ваков потфат. Со искачувањето започнавме по 2 часот по полноќ, а на врвот бевме во 10.45 часот. Временските услови беа многу добри, со малку ветер, немавме никакви поголеми проблеми, се мина во најдобар ред, чувството беше прекрасно – вели Костовска која наскоро, за летово, планира нова планинарска тура, во Мароко (Атлас). Л.Д.