ОДБОЈКА – ВО ПРЕСРЕТ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Пред неколку дена на подготовките им се приклучи и Александар Љафтов, денеска треба да пристигнат капитенот Никола Ѓоргиев и неговиот брат Ѓорги Ѓоргиев, а Филип Деспотовски би требало да се приклучи по Нова година. Црвено-жолтите во Скопје, од 11 до 16 јануари, треба да играат со репрезентациите на Турција и на БиХ за пласман на ЕП 2021

На одбојкарската репрезентација на Македонија, која се подготвува за настап на двата квалификациски турнира што треба да се играат во Скопје, од 11 до 16 јануари, за пласман на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, денеска треба да ѝ се приклучат капитенот Никола Ѓоргиев и неговиот брат Ѓорги Ѓоргиев. Тие, поради обврските во матичните клубови, во Турција, односно во Полска, ги пропуштија првите тренинзи на подготовките на македонската одбојкарска репрезентација, што почнаа на 15 декември.

Пред неколку дена на подготовките им се приклучи и Александар Љафтов, а единствениот што недостига од стандардните, е плејмејкерот Филип Деспотовски, кој би требало да пристигне по Нова година, на 2 јануари. На подготовките е и повредениот централен блокер Филип Маџунков, кој полесно тренира, оди на терапија, но неговиот настап на двата турнира е под прашалник.
Утре и задутре Македонија во Скопје (СЦ „Борис Трајковски“) треба да одигра два контролни натпревара против репрезентацијата на Бугарија. Потоа, на 5 и на 6 јануари, треба да следуваат двата возвратни меча, во Софија, против Бугарија, која, исто така, ја очекува настап во квалификациите, во Израел, за пласман на Европското првенство во 2021 година.

Противници на репрезентацијата на Македонија во групата Ц во Скопје, ќе ѝ бидат селекциите на Турција и на БиХ (репрезентацијата на Данска се откажа од настап на овој турнир). Првопласираните селекции од вкупно седумте групи, плус петте второпласирани со најдобар ефект, ќе се пласираат на финалниот турнир на ЕП што во септември 2021 година треба да се одржи во четири земји, во Полска, Чешка, Финска и во Естонија.

Пласман во завршницата на Европското првенство веќе обезбедија Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија, Белгија (според пласманот на минатото Европско првенство, играно во 2019 година), потоа земјите домаќини на следното континентално првенство (Полска, Чешка, Финска и Естонија), како и репрезентацијата на Летонија, како победник на квалификациската група Д, по мечевите што во таа група се играа пред неколку месеци.
Македонската одбојкарска репрезентација имаше успешно деби на минатото Европско првенство, одржано во 2019 година, кога во групата што се играше во Љубљана (Словенија) забележа две победи, на мечот со селекцијата на Словенија, која подоцна стана европски вицепрвак, и на дуелот со репрезентацијата на Белорусија. 


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП, ГРУПА Ц
Македонија – БиХ 11 и 14 јануари
БиХ – Турција 12 и 15 јануари
Македонија – Турција 13 и 16 јануари
сите натпревари почнуваат во 18 часот

ДОСЕГА ПЛАСИРАНИ НА ЕП 2021
Пласман на ЕП досега обезбедија Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија, Белгија (според пласманот на ЕП 2019), Полска, Чешка, Финска, Естонија (како домаќини на ЕП 2021) и Летонија (победник на квалификациската група Д)