Светското првенство (СП) во снукер, кое требаше да се одржи од 18 април до 4 мај, поради актуелната пандемија на коронавирусот прво беше одложено за крајот на април, а сега и за дополнителни четири месеци. Челници на Светската снукер-турнеја (ВСТ) изјавија дека ги следат упатствата на британските власти за коронавирусот, па турнирот во Шефилд ќе се одржи од 31 јули до 16 август.
Театарот „Крусибл“ во Шефилд, кој традиционално ги пречекува најдобрите во снукер, е со капацитет од 980 места, но постои можност турнирот да се игра и без гледачи. Сѐ ќе зависи епидемиолошката ситуација што ќе владее во текот на летото, но организаторите не ја исклучуваат можноста и за ново одложување. Актуелен светски првак е Џад Трамп (30).