На турнирот во брз шах настапија и селекциите на САД, Европа, Русија, Индија и на Остатокот на светот
Репрезентацијата на Кина триумфира на интернет-купот на нациите во брз шах, во конкуренција на селекциите на Русија, Европа, САД, Индија и на Остатокот од светот, со просечен рејтинг на тимовите од 2.651 поен (мечевите се играа со по 25 минути време за размислување, плус 10 секунди по секој потег). По 10 кола во суперфиналето се најдоа Кина и САД, а резултатот беше 2-2, што ѝ одговараше на Кина оти беше убедливо прва во регуларниот дел.
Поединечно Динг Лирен ремизира со Хикару Накамура, Ји Веи загуби од Фабиано Каруана, Вангуи Ју го совлада Весли Со, а Јифан Хоу и Ирина Круш ремизираа. Најуспешен шахист кај победникот е Ју со 7,5 поени од 10 партии, а кај САД, Каруана, исто така, со 7,5 поени, но од девет партии и со играчки перформанс од над 3.000 рејтинг-поени.
САД беше единствената селекција што ја победи Кина во регуларниот дел и тоа во последното 10-то коло. Во тоа коло Европа одигра 2-2 со Остатокот на светот, со што за половина поен не се пласира во суперфиналето и го освои третото место.
Табела по регуларниот дел (10 кола): Кина 17 бода (25,5 по табли), САД 13 (22), Европа 13 (21,5), Русија 8 (19), Индија 5 (17,5) и Остатокот на светот 4 (14,5).