Во Македонија, од светските прваци порано играле Фишер, Спаски, Ботвиник, Карпов, Таљ, Еве, Аљехин, Смислов, Петросјан, Крамник, Пономарјов, Топалов, Карлсен, а од шахистките Гаприндашвили, Чибурданидѕе, Костењук, Стефанова, Ушенина и М. Музичук

ШАХ

Македонија е шаховска нација, со богата шаховска историја, а Скопје олимписки град. Спомените од Шаховската олимпијада (ШО) во 1972 година, како и од многубројните турнири, уште се врежани во сеќавањето на многубројните љубители на древната игра, а партиите на големите шаховски мајстори и понатаму пленат со нивниот квалитет. Магнус Карлсен, кој пристигна за настап на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Струга, е само уште еден од низата светски прваци што играле во Македонија и оставиле трага со својата игра.
Во минатото шах во Македонија играле Американецот Роберт Фишер, кој во 1967 година победил на 1. Турнир на солидарноста. Играл кога уште не бил светски првак, а титулата ја освои во 1972 година, во меч со Русинот Борис Спаски, кој, пак, во Македонија бил во 1969 година како светски првак. Русинот Михаил Ботвиник, кој првпат станал светски првак во 1948 година, бил гостин во Македонија во 1969 година, кога одиграл неколку симултанки. На ШО 1972 настапил и светскиот првак од 1975 година, Русинот Анатолиј Карпов, кој во 1996 година во Скопје одигра и симултанка. На ШО во Скопје играа, но како светски прваци, Русите Михаил Таљ (1960), Василиј Смислов (1957), Тигран Петросјан (1963), а претседателот на Светската шаховска федерација и светски првак од 1935 година, Холанѓанецот Макс Еве одиграл неколку симултанки. И Русинот Александар Аљехин (1927) бил во Скопје во 1939 година, каде што од скромните пишани податоци може да се дознае дека одиграл симултанка.
Од подоцнежните светски прваци, на ЕКК или на поединечното ЕП во Македонија играле Русинот Владимир Крамник (првак во 2006 година), Украинецот Руслан Пономарјов (2002), Бугаринот Веселин Топалов (2005), а од светките шампионки (на ШО или на ЕКК) играле Грузијките Нона Гаприндашвили (1962) и Маја Чибурданидѕе (1978), Русинката Александра Костењук (2008), Бугарката Антоанета Стефанова (2004), Украинките Ана Ушенина (2012) и Марија Музичук (2015), која сега игра на ЕКК во Струга.


Алкалоид и КПРФ во водство по две кола на ЕКК

Шахистите на Прилеп на Европскиот клупски куп во Струга го изненадија Оферспил, во чии редови од вчера настапува и актуелниот светски првак Магнус Карлсен, совладувајќи го со 4,5-1,5. Нова висока победа оствари Алкалоид, со 5,5-0,5, на мечот со Словен Рума. Гамбит Асеко СЕЕ со 1,5-4,5 загуби од Бер Шева, а Рејкјавик со 4-2 го совлада Гостивар. По две кола, 10 екипи се со по две победи, но Алкалоид и руски КПРФ се на врвот, оти имаат по 10,5 поени по табли. Кај шахистките, во дуелот помеѓу македонските екипи, Алкалоид го победи МШК Центар со 2,5-1,5, а Баден го совлада Куманово со 3,5-0,5. Води Јужен Урал со четири бода, ГРЕКО има три, со по два бода се Баден, Алкалоид, Тајфун и Куманово…