Павлов на победничкиот пиедестал

За штипјанецот Емил Павлов ова е втор златен медал на ЕП, по она во Тампере 2014 година, а вкупно трет, по бронзата во Монпелје 2016, или вкупно 14-то македонско одличје од ЕП

Македонското карате ја продолжува успешната низа на освоени медали од европските првенства, со што покажа дека со право е еден од најтрофејните македонски спортови. За вкупно 14-от македонски медал (борби и кати) се погрижи каратистот на КК Штип, Емил Павлов, кој на 53. Европско првенство (ЕП) во Нови Сад, Србија, во категоријата до 60 кг, се закити со златен медал. Тоа за него е второ најсјајно одличје по она во финскиот град Тампере во 2014 година, а вкупно трет медал од ЕП, по бронзата во францускиот град Монпелје 2016, со што стана и најуспешен македонски каратист. Во големото финале во Нови Сад, актуелниот првак на Македонија, Павлов, кој, патем, е и носител на бронза од 1. Европски игри во Баку, Азербејџан во 2015 година го победи италијанскиот претставник Анџело Крешенцо со 3-1, демонстрирајќи врвна техника и голема борбеност на татамите.

За разлика од Павлов, каратистката во борби (до 68 кг) и шампионка на Македонија за 2018-та, Ангела Мојсовска, не успеа да го освои бронзениот медал откако во борбата за третото место загуби со 0-3 од претставничката на Босна и Херцеговина, Ивона Чавар, со што го освои петтото место, што, секако, претставува успех за младата членка на КК Макпетрол. Таа претходно ги победи Малтежанката Ема Греч (4-2), Русинката Викторија Исаева (0-0 по судиско изгласување), Полјачката Дарија Орзечовска (0-0), додека загуби од Азербејџанката Ирина Заретска (0-7).

– Задоволен сум со настапот на нашите натпреварувачи. Уште пред тргнувањето за Нови Сад изјавив дека моја задача и цел е влез и победа во финале на македонски каратист. Тоа и го остваривме. Мојот ученик успеа да ја покори Европа. Иако во финалето имаше тежок противник од Италија, кој поседува одлична ножна техника, Емил се бореше според договорената тактика и успеа да го смири противникот и на крајот сите заедно да славиме. Одличен настап имаше и Ангела Мојсовска, која за малку не успеа да се закити со бронза. Сепак, и петтото место е преголем успех за македонското карате – не го криеше своето задоволство селекторот на Македонија во борби, Сашко Арсовски.

Другите наши претставници во борби (поединечно и екипно) и во кати (поединечно), предводени од селекторите Сашко Арсовски (борби) и Стојан Андриевски (кати), не успеаја да се впуштат во борбата за еден од медалите.
На 53. Европско сениорско првенство во Нови Сад настапија 662 натпреварувачи од 52 држави, а Македонија ја претставуваа 16 каратисти, од кои 14 во борби и двајца во кати.

Очигледно каратистите уште еднаш докажаа дека се подготвени да се впуштат со сите предизвици што ги очекуваат на татамите на натпреварувачки план. Годинава ќе биде многу напорна, особено ако се сака сериозно да се атакува на остварување олимписка норма, па токму затоа секој освоен медал и бод на турнирите во светот ќе бидат драгоцени за висок пласман на светската ранг-листа, а со тоа и поблиску до освојување на потребната норма за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020 година

А, медалите од каратистите веќе се подразбираат. Да не заборавиме дека македонските каратисти се носители на голем број стипендии од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС), почнувајќи од стипендијата спортска надеж, па меѓународната и светска стипендија, а некои од нив се носители и на највисокото национално признание – популарната спортска пензија.

Селекторот Арсовски и Павлов

Патот до златото

До финалето Павлов стигна откако ги елиминира Словакот Доминик Имрич (1-1, со прв освоен поен), Холанѓанецот Јасин ел Атар (6-2), Црногорецот Ненад Дуловиќ (3-2), во полуфиналето Естонецот Калвинс Калинс (2-0) и во финалето Италијанецот Анџело Кершченцо (3-1).


Македонски европски медалисти

                     Борби
ГОД. ГРАД              ИМЕ                                МЕДАЛ
2007 Братислава    Иво Цветковски               сребро
2007 Братислава    Сашко Арсовски              бронза
2008 Талин Ардита Исени                             бронза
2009 Загреб           Наташа Илиевска            сребро
2010 Атина            Огнен Груевски               бронза
2011 Цирих            Наташа Илиевска             злато
2013 Будимпешта   Берат Јакупи                  бронза
2014 Тампере         Емил Павлов                    злато
2015 Истанбул        Мартин Несторовски       бронза
2016 Монпелје        Емил Павлов                  бронза
2017 Коачели         Берат Јакупи                  сребро
2017 Коачели         Јована Георгиева            бронза
2018 Нови              Сад Емил Павлов              злато
Кати – екипно
2005 Тенерифе Рибарска, Трајкоска, Димитрова бронза