Рекордерот според бројот на одиграни симултанки во Македонија одигра меч на 14 табли, во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Блаже Конески. На сите учесници им беше доделена и „Мироцветна шаховска штафета“, со пораката „Со мудрост до мир“, од македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин
ШАХ
Легендата на македонскиот шах и интернационален шаховски мајстор, Димитар Илиевски, одигра симултанка на 14 табли на градскиот плоштад „8 Септември“, во Демир Хисар, во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Блаже Конески, првиот претседател на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и голем љубител на шахот.
Рекордерот според бројот на одиграни симултанки во Македонија, Илиевски, пред почетокот на мечевите говореше за своите успеси во шахот, како и за македонскиот и светски истакнат писател, есеист, раскажувач, книжевен историчар, лингвист, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност, Блаже Конески.
Илиевски на симултанката во Демир Хисар забележа десет победи, три ремија и еден пораз. На сите учесници им беше доделена и „Мироцветна шаховска штафета“, со пораката „Со мудрост до мир“, подготвена од македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин, кој, како што појасни Илиевски, се вклучи со своја иницијатива во ШФМ за реализација на програмата.