АТЛЕТИКА – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО

Тој ја истрча делницата за 14:02,32 минути, со што го собори рекордот на Стевче Георгиевски (14:06,52) од 1982 година

Дарио Ивановски продолжи со одличните настапи сезонава, поставувајќи нов атлетски рекорд на Македонија. Тој на Балканското првенство во Смедерево, Србија, ја истрча делницата од 5.000 метри за 14:02,32 минути, со што го собори 39 години стариот рекорд на Стевче Георгиевски (14:06,52) од 1982 година.

Меѓу првите, соборувањето на најдолговечниот македонски рекорд на Ивановски му го честита токму Георгиевски, кој сега живее во Сиднеј, Австралија. Пред десетина дена, Ивановски постави нов македонски рекорд и на 3.000 метри на екипното Европско првенство (ЕП) во атлетика, Трета лига, што се одржа во Лимасол, на Кипар, со време 8:06,66 минути и за повеќе од три секунди го подобри своето најдобро време (8:09,87 минути), забележано дваесетина дена претходно на ЕП за мали земји, во Сан Марино.
Сезонава Ивановски, несудениот олимпиец за Токио 2020, кој е член на атлетскиот клуб Делта од Скопје, постави дури седум нови национални рекорди, од кои пет во минатите триесетина дена, на 1.500, на 3.000, на 5.000 и на 10.000 метри.