Возачот на Репсол Хонда, Дани Педроса, објави дека по завршувањето на сезоната ќе се повлече од Мото ГП шампионатот.
Педроса одлуката ја соопшти на прес-конференцијата во пресрет на трката за Големата награда на Германија. Тој објави дека по 18 години решил да ја заврши кариерата во Светското првенство.
– Следната година нема да се натпреварувам во Светското првенство и ќе ја завршам кариерата во кралската класа оваа сезона. Долго размислував пред да ја донесам одлуката, бидејќи ова е спорт што го сакам. Чувствувам дека повеќе тркањето не го доживувам со ист интензитет како порано и дека имам други приоритети во животот – истакна Педроса.
Шпанецот е еден од најусупешните возачи на сите времиња, а со 54 победи се наоѓа на третото место, има три шампионски титули (една во класата до 125 кубни сантиметри и две во класата до 250 кубни сантиметри).