Иако на мајсторскиот турнир организиран во Битола Борче Илиевски за еден поен ја надмина нормата, сепак, не ја доби титулата шаховски мајстор. Вина за овој пропуст имаше и тогашниот Шаховски сојуз на Македонија, кој не го верификува статусот на мајстор според рејтингот од 2.350 во 1981 година. Борче се сеќава и уште ги памети партиите што ги одигра против светските асови на „Средбата на солидарноста“
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (197) Борче Илиевски (2)
На мајсторскиот кандидат и шаховски сениорски првак на Македонија во 1964 година, битолчанецот Борче Илиевски, покрај оваа титула, во незаборавно сеќавање му останува и ремито со Боби Фишер на „Средбата на солидарноста“, во Скопје во 1967 година. Меѓутоа, во долгата кариера Илиевски, исто како и неговиот помлад брат Димче (интернационален мајстор), имаше многу настапи, особено на поранешните југословенски простори.
Тој стана шаховско име кон кое со почит гледаа и оние што веќе беа велемајстори и настапуваа на многубројните турнири во светот. Токму со нив Борче Илиевски имаше шанса да ги покаже своите можности на „Средбата на солидарноста“, која беше репер за квалитетот и за потенцијалот на секој шахист. Во оваа пригода мора да се спомене и ангажирањето на сите фактори во Македонија да се организира еден ваков натпревар, кој стана познат во светот и привлекуваше внимание кај сите шаховски љубители. Штета е што таа традиција згасна, „Средбата на солидарноста“ одамна ја нема и ни останува само да жалиме за тоа време, кога на сцена во живо ги гледавме познатите имиња на светскиот шах. За жал, и кај повозрасните сликата на тоа време полека избледнува, а помладите љубители на шахот и не знаат оти Македонија била организатор на еден таков грандиозен шаховски настан. Како резултат на докажаните организаторски способности, Скопје ја доби организацијата и на шаховската Олимпијада во 1972 година. Но сѐ како да падна во заборав.
– Колку беше силен турнирот говори и податокот што веќе на втората „Средба на солидарноста“, на која настапија четворица македонски шахисти, меѓу кои бев и јас, во конкуренција на 20 учесници, се пласиравме на последните четири места. Но тоа беше навистина силен натпревар на кој сите странци, а и шахистите од поранешна Југославија, беа носители на велемајсторската титула. Да ги споменам само Портиш, Гелер, Холмов, Полугаевски, Глигориќ, Матуловиќ, Матановиќ, Парма. Тоа беа светски имиња без кои не можеа да се замислат најголемите меѓународни турнири – вели Борче Илиевски.
ВИЦЕШАМПИОН И ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ШАХОТ
Во 1968 година, покрај учеството на „Средбата на солидарноста“, Борче Илиевски настапи и на сениорското првенство на Македонија, на кое го освои второто место, а потоа некако неочекувано се раздели од шахот. Која беше причината за тоа?
– Ова беше едно интересно време, кога на пример нашиот интернационален мајстор и повеќекратен првак на Македонија, Ристо Ничевски, заплови во професионалните води. Потоа, Ниче се вработи како шаховски коментатор во ТВ Скопје, но ние шахистите и натаму го сметавме за професионалец, со оглед на тоа што имаше можност да настапува на сите турнири на кои ќе беше поканет. Таква привилегија на работното место, на пример, јас немав. Бев вработен во банка и не можев подолг период да отсуствувам од работното место. Можеби тука лежи причината што решив да се повлечам од шахот. Паузирав три години, иако и во тој период често играв шах со мојот брат Димче. Откако видов оти, сепак, без настапи на турнири и првенства, тоа не е она вистинското, повторно му се вратив на натпреварувачкиот шах во 1971 година. Истата година го освоив второто место на првенството на Македонија, што беше изненадувачко, зашто многумина сметаа оти по враќањето во натпреварувачкиот ритам нема да бидам оној стариот од пред неколку години. Но не беше така, резултатите што ги постигнав и самиот пласман на второто место повторно ги „распали“ страстите кај мене, па така продолжив да се натпреварувам. И следната година, 1972, бев високопласиран на сениорското првенство. Овој пат го делев од третото до петтото место. Потоа, повторно доаѓа една подолга пауза, за мојот последен настап на сениорските првенства на Македонија да биде дури во 1999 година. Се пласирав во средината од табелата, а билансот ми беше по една победа и пораз, а сите други партии ги ремизирав – вели Илиевски.
ГОРД СУМ НА СЕБЕ ЗА ПОСТИГНАТОТО
Борче Илиевски е задоволен од она што го постигна на шаховската табла. Особено е горд на успесите на неговиот клуб Стево Патако, кој во 60-тите години од минатиот век играше главна улога на македонската шаховска сцена.
– Среќен сум што мојот матичен клуб во долгогодишната историја, токму во периодот кога и јас бев во зенитот, трипати победуваше на екипните првенства и исто толку пати го освојуваше Купот на Македонија. Клубот беше извор на таленти, од него поникнаа многу шахисти, кои потоа или остануваа во Битола или продолжуваа во другите клубови. Меѓу оние поквалитетните, ако не и најквалитетен, беше мојот помлад брат Димче, кој стана интернационален шаховски мајстор, а и ден-денес е во натпреварувачка форма. Особено сега е познат по настапите на симултанките – вели Борче Илиевски.
Во богатата кариера на Борче Илиевски има и еден детаљ, кој верувам дека и сега го боли. Во 1981 година на мајсторскиот турнир во Битола, на кој победи Кнежевиќ, пред Шаховиќ, тој го освои третото место и за еден поен ја надмина нормата за освојување на титулата шаховски мајстор. Но на изненадување на сите шаховски љубители во Битола и пошироко во Македонија, Борче не ја доби посакуваната и заслужена титула.
– И денеска не ми е јасно зошто не станав мајстор, кога ги исполнив сите критериуми. Од канцеларијата на ШСМ ми беше одговорено дека турнирот не бил со потребната јачина за добивање на мајсторската титула. Ова ми беше многу чудно, зашто знам дека ваквите мајсторски турнири ги организиравме токму заради тоа – некој од македонските шахисти да стане мајстор. Но со мене ситуацијата не беше таква. Сѐ ми се чини дека ова беше грешка на администрацијата на ШСМ, зашто образложението оттаму беше дури и смешно, наводно турнирот бил послаб за 0,01 процент од потребниот критериум за добивање и верификација на титула. Потоа, иако бев разочаран, веќе не презедов ништо – вели Борче.
Помладиот брат Димче, исто така, жали што Борче не ја доби титулата.
– Очигледно е дека тогаш беше направена намерна или ненамерна грешка, не знам. Но знам едно, дека доколку сака и денеска ретроактивно Борче може да добие верификација на таа титула. Сите елементи околу силината и нивото на мајсторскиот турнир на кој ја надмина нормата за еден поен, како и тогашниот висок рејтинг од 2.350 поени (во 1981 година), одат во негова полза. Но, ете, тој како да е лут и крена раце. Навистина е штета што уште тогаш брат ми не стана мајстор, зашто за разлика од денеска кога Македонија има десетина велемајстори, тогаш имаше само тројца интернационални мајстори и неколку шаховски мајстори. Ако тој ја добиеше титулата, тоа ќе беше одлично за него, но и за шахот во државата – вели Димче од оваа временска дистанца.
Во контекст на ова, Димче Илиевски го наведува примерот со него.
– Јас, на пример, откако ги освоив, вториот и третиот бал за интернационален мајстор, титулата не ми беше веднаш верификувана. Од кои причини се случи ова не знам, но знам дека ретроактивно таа ми беше верификувана од ФИДЕ во 1995 година, иако последниот бал го освоив во 1979 година, кога станав третиот интернационален мајстор во Македонија по Ничевски и Софревски. Во шахот се води педантна евиденција и во архивот на ФИДЕ (Светска шаховска федерација) може да се пронајдат сите потребни детали за шахистите. Но кај Борче како да згасна таа желба пред неговото име да е испишано и она што го заслужи – шаховски мајстор Борче Илиевски. Иако веќе со години не се појавува на сцената, сепак, тоа ќе беше една сатисфакција за вложениот труд и за постигнувањата во шахот – вели Димче.
Кога денеска Димче зборува за ваквите пропусти во шаховската организација, на шега знае да каже „со самото реми со Фишер, на Борче требаше да му се додели титулата мајстор“. Тоа не е можно, ова е само шега, но вистина е дека Борче Илиевски имаше квалитети и ги исполнуваше сите услови да стане ФИДЕ-мајстор.
Инаку, денес Борче Илиевски ги минува пензионерските денови во Битола. Горд е на она што го има дадено за својот град, во кој додека беше активен на шаховската табла, секогаш се наоѓаше на списокот на најдобрите спортисти. Тој тоа и го заслужуваше зашто беше македонски сениорски првак, а имаше голем удел и во успесите на својот клуб Стево Патако, со кој по трипати ги освојуваше екипното првенство и Купот на Македонија. Нема сомнение дека Борче Илиевски остави голема трага, не само во битолскиот туку и во македонскиот шах.