Битолчанецот Илиевски беше сениорски првак на Македонија во 1964 година. Тој е жива енциклопедија не само на македонскиот туку и на светскиот шах. Од скромност не стигна до титулата шаховски мајстор. Во семејството Илиевски неговиот помлад брат Димче е носител на титулата интернационален мајстор

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (196)

Ако во Битола се зборува за шахот, тогаш веднаш се асоцира на ШК Стево Патако и на братскиот шаховски тандем Илиевски. Двајцата долго време беа во врвот на македонскиот шах. За Димче, помладиот од браќата, кој е носител на титулата интернационален мајстор, веќе пишував, па затоа сега следните редови ќе му ги посветам на постариот шахист од семејството Илиевски – Борче.
За тоа каков шахист и со колкав потенцијал беше Борче ќе потврди и податокот дека на првата „Средба на солидарноста“, која се одржа во 1967 година во Скопје, тој приреди вистинска сензација со ремито против можеби најголемиот шаховски талент, потоа и светски првак, Американецот Боби Фишер. Тоа беше партија за незаборав, која не само тогаш, додека траеше турнирот, туку и години подоцна се коментираше во шаховските кулоари.
– Бев горд на овој резултат. Тогаш само кога ќе се спомнеше Фишер, затреперуваше срцето на секој противник. Боби беше своевиден феномен, за многумина беше и остана најголемиот светски талент, што се потврди и со освојувањето на титулата светски првак во директната пресметка со Спаски, во Рејкјавик. Иако со голема почит и респект гледав кон сите шахисти од тогашниот СССР, меѓу кои имаше неколку светски прваци, овој триумф на Фишер предизвика голема радост кај мене. Зошто беше така веројатно претпоставувате: откако тој се искачи на светскиот шаховски врв, јас можев да се пофалам дека токму со новиот шампион сум одиграл една реми-партија – се сеќава Борче Илиевски.

Борче се сеќава на оваа пресметка како таа да беше вчера, а не пред 54 години. Се сеќава и на потезите.
– Ждрепката сакаше со Фишер да играм во првото коло. Многумина можеби ме „прежалија“ пред мечот, сметајќи оти Американецот ќе дојде до лесна победа, но јас не мислев така. Напротив, сакав да ја искористам шансата и да се претставам со сите мои квалитети. Тактички се подготвив добро и почнав да ги повлекувам претходно замислените потези. Но по 11-от потег се најдов во незавидна позиција. Мислев како ќе се извлечам и повлеков еден неочекуван потег за Фишер. Сега тој се замисли, но, како и секогаш, тој имаше одговор за секој потег на ривалите. Се разви жестока борба, бев максимално концентриран и по неколку повторени потези, во 33-от потег Фишер ми понуди реми, кое веднаш го прифатив. Во салата одекна аплауз, јас уште на стартот ги израдував македонските љубители на шахот, кои со неверување го поздравија моето реми со младиот но шаховски „големиот“ Боби Фишер. Овој меч и целокупната атмосфера што се создаде потоа, засекогаш ќе останат во моите сеќавања – вели Илиевски.

ПРВИТЕ ПОТЕЗИ СО ПОПУЛАРНИОТ АЛПО

Инаку, Борче Илиевски на 11-годишна возраст почна да ги влече првите потези на шаховската табла.
– Тоа се случи на еден пионерски камп во потпелистерското село Цапари. Ова беше задоцнет почеток, зашто се знае дека едно дете, за да стигне до шаховските височини, треба да почне да се дружи со фигурите уште од раните години, каков што беше примерот со Фишер, кој почна да ги мрда фигурите на двегодишна возраст. Но иако почетокот беше задоцнет, почувствував дека можам брзо да навлезам во тајните на древната игра. Тоа го забележа и нашиот раководител на тој камп, познатиот шаховски ентузијаст и теоретичар Александар Поповски-Алпо. Тој беше првиот што ми ги покажа потезите и ми ја објасни суштината на играта. Од тоа летување во Цапари почна мојата голема љубов кон шахот. Инаку, оној вистинскиот шаховски амбиент го почувствував на 14 години, кога во Битола се играше полуфинален турнир за пласман на шампионатот на Југославија. Свратив во салата и бев многу возбуден. Имав можност во живо да ги гледам тогаш големите југословенски шаховски имиња, Удовчиќ, Мариќ, Мајсторовиќ, Грубер. Тогаш си поставив за цел, ако не како нив, барем да се доближам до нив по квалитет – се сеќава Борче.

Борче од тие моменти веќе сериозно се зафати со шахот. Го користеше секој момент, најчесто со својот помлад брат Димче, кој, исто така, од раните години се заинтересира за шахот и покажа дека е талентиран за оваа игра. Двајцата често ќе ги наместеа фигурите и ќе одиграа понекоја партија.
– Во 1950 година, кога имав 15 години, се зачленив во ШК Стево Патако. Тука имаше неколку искусни шахисти од кои имаше што да се научи. Така, полека-полека сѐ повеќе навлегував во шаховската игра и на првенството на Битола го освоив третото место. Тоа за мене беше голем резултат. Мој идол во тоа време ми беше првиот македонски шаховски мајстор Павле Бидев, кој во 1946 година стана и прв македонски првак. Што се однесува до Бидев, тој ја имаше титулата мајсторски кандидат уште од 1937 година, но мајстор стана десет години подоцна. Потоа дојде новата генерација, од која оваа титула најбрзо ја освои Јован Софревски – вели Борче.
Борче Илиевски дефинитивно својот пробив во елитата го најави во 1951 година, кога беше трет на младинското првенство на Македонија. Победник беше Софревски, пред Апостолов, а на четвртото место зад Борче, кој приреди изненадување со победата во првото коло над Софревски, се пласира Крстев.

„ЗЛАТНИТЕ ГОДИНИ“ НА БИТОЛСКИОТ ШАХ

Кога се враќа назад во мислите, извираат сеќавања на сите години поминати над шаховската табла. Пред да дојдат оние вистинските резултати, Борче Илиевски во 1956 година, како надежен, а и веќе докажан шахист, ја засили екипата на Студент, која учествуваше на екипното првенство на Југославија во Опатија. Во составот беа и големите асови и шампиони на Македонија: Бидев, Сотировски-Џагуре, Крстев, Софревски и Тиквешански. Тогаш првпат Студент обезбеди опстанок во елитата, а претходните години екипата испаѓаше и преку квалификации требаше евентуално повторно да стигне во финалниот екипен турнир. Илиевски во Опатија имаше одличен ефект, во седумте партии забележа четири победи, а во три ремизира.
– Шеесеттите години од минатиот век беа најуспешни за шахот во градот под Пелистер. Тоа беа „златните години“, кога јас во 1964 година станав сениорски првак на Македонија, а мојот клуб Стево Патако ја освои титулата во екипна конкуренција. Во едно неизвесно финале, на изненадување на сите, го совладавме фаворизираниот Студент. Што се однесува, пак, до поединечното првенство, почнав многу жестоко. Знаев дека сум одлично подготвен, а и теоретски поткован, зашто многу ги следев и ги анализирав најинтересните партии одиграни на светско ниво. Најавата дека сум решен да одам на титулата дојде во четвртото коло, кога го совладав Софревски.

Оваа победа многу ме охрабри и почнав да редам победи до деветтото коло, кога во партијата со Ничевски превидов топ и се предадов. Но моралот ми остана на потребното ниво, набрзо се созедов и во следните кола остварив позитивни резултати, така што на крајот, од вкупно 15 можни, освоив 12,5 поени, што беше доволно за освојување на титулата шампион на Македонија. Ова беше и единствената титула во мојата кариера, која, пак, ми го отвори патот за учество на државното поединечно првенство следната година во Нови Сад. Таму за половина поен не ја освоив титулата мајстор, на крајот бев некаде во средината, а големо задоволство почувствував откако го совладав Албин Планинц, кој со брзи чекори одеше кон југословенскиот и кон светскиот врв – вели тој.
За следните години од кариерата на Борче Илиевски, во кои дојде и она реми со Фишер, а и неколкуте настапи на првенствата на Македонија ќе читате идната недела. Тогаш ќе видите зошто тој не ја освои и титулата шаховски мајстор.


БОРЧЕ ИЛИЕВСКИ

Роден: во 1935 година во битолското село Ѓавато
Кариера: ШК Стево Патако од Битола, како засилување настапи за Студент на екипното првенство на Југославија во Опатија
Успеси: сениорски првак, вицешампион и делба на третото место на првенствата на Македонија, по трипати екипен првак и освојувач на Купот на Македонија со ШК Стево Патако, трет на младинското првенство на Македонија, победник на неколку мајсторски турнири, учесник на две „Средби на солидарноста“