Шахот често неповолно се споредува со тенисот. За разлика од тенискиот свет, на шахот му недостига отворен циклус што би ги опфатил горниот и долниот дел од неговата пирамида. Во шахот има добро утврден горен дел од пирамидата, а мечот за светски првак е врвот. Сега Здружението на шаховски професионалци (АЦП) има предлог отворените турнири да бидат дел од циклусот за Светско првенство, пишува интернет-страницата „Чес-бејс“. Во тенисот има гранслем-турнири на едната страна, но исто така и локални фјучерс-турнири на другата страна. Структурата е јасна, лесна за разбирање и играчите го гледаат патот до врвот.
Во шахот постои добро утврден горен дел од пирамидата. Натпреварот за светски првак е врвот, следуваат Турнирот за кандидатите, тука се и шаховските олимпијади, светските првенства и континенталните шампионати, а сите формираат кохерентен систем на квалификации. Но она што очигледно недостига, според АЦП, е долниот дел од пирамидата, кој е формиран од голем број отворени турнири, каде што учествуваат огромно мнозинство шахисти. Во сегашната состојба, шаховскиот свет е поделен во „различни светови“. Се чини дека природно е отворените турнири да бидат дел од отворениот циклус за Светски шампионат, пишува „Чес-бејс“.
– Би сакале да предложиме концепт каде што многу отворени турнири се дел од отворениот светски циклус. За таа цел, веќе добро воспоставениот АЦП-циклус или сличен може да послужи како основа. На крајот на годината, најдобрите 20 на отворените квалификации ќе обезбедат пласман за првото коло на Светскиот куп, што, пак, обезбедува директен пристап во циклусот за светски првак.
Целиот систем ќе биде сеопфатен и заснован на заслуги каде што секој шахист во светот може да ги види перспективата и патот од почеток, со отворените турнири, до крајот, со натпревар на СП. Ваквиот циклус може да се продава како производ, исто како и во тенисот. Перспективата да се биде дел од синџирот на СП ќе ги стимулира играчите, спонзорите, организаторите, арбитрите и националните федерации – велат, меѓу другото, од АЦП.