Женската тениска репрезентација на Македонија по 23 години се врати во Втората европска зона на „Били Џин Кинг“ купот. Во финалето на Третата европска зона, Македонија ја победи Ерменија со 2-1 откако го доби решавачкиот меч во игра на двојки.
Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска со 2-0 во сетови (6-3, 6-2) славеа против ерменската двојка Марина Давитјан и Ирена Мурадјан.
Ерменките поведоа со 1-0 во финалето откако Ирена Мурадјан го доби првиот меч против Магдалена Стоилковска со 2-1 во сетови (6-4, 4-6, 6-0). За изедначување, експресно се погрижи Лина Ѓорческа која со 6-0, 6-0, без загубен гем, славеше победа над Марина Давитјан.