Германската гимнастика ја тресе голем скандал откако неколку спортистки упатија сериозни обвинувања против тренерите во националниот центар за гимнастика во Штутгарт.
Наводите за недолично однесување во тренинг центарот во Штутгарт веќе доведоа до суспензија на двајца тренери – пишуваат весниците „Штутгартер Цајтунг“ и „Штутгартер Нахрихтен“.
Германската федерација на олимписки спортови (ДОСБ) и Министерството за култура на покраината Баден-Виртемберг, исто така, реагираа и повикаа на темелна истрага на тврдењата на гимнастичарите за жалбите во сојузната база во Штутгарт.
– Обвинувањата се „загрижувачки – соопшти ДОСБ на барање на германската новинска агенција ДПА.
Поранешната германска спортска ѕвезда Табеа Алт на социјалните мрежи објави дека во текот на кариерата била жртва на „системско физичко и психичко малтретирање“ од селекторот на националниот тим. Нејзиниот глас го следеа и други спортистки кои исто така ги открија своите приказни.
– Здравјето ми беше намерно загрозено со непочитување на лекарските рецепти и испраќање на натпревари со повеќекратни скршеници. Ова не беше изолиран случај, се работеше и за нарушувања во исхраната, следеа тренинзи за казнување, морав да земам лекови против болки, постојано на дневен ред беа заканите и понижувањата. Денес знам дека тоа беше системско физичко и психичко малтретирање – напиша Алт.
Таа рече дека пред три години детално ги опишала обвинувањата во писмо до Германската гимнастичка федерација (ДТБ), но ништо не се случило. Бронзената медалистка на балансирана греда на СП 2017 ја заврши кариерата во 2021 година на 21-годишна возраст.
Поранешната репрезентативна гимнастичарка Мишел Тим напиша на Инстаграм за „катастрофалните околности“ во националниот центар во Штутгарт, велејќи дека доживеала „закани во сите контексти“ од тренерот. Таа рече дека „тренирала со месеци со видливи физички оштетувања поради лоши лекарски одлуки“, што на крајот довело до фрактура и предвремен крај на нејзината кариера.
Се огласи и активната гимнастичарка Лара Хинсбергер која се пожали на психолошкиот притисок што и бил вршен како малолетничка во националниот центар. Бев „намерно скршена на 14 години од невнимателни возрасни луѓе“ – напиша 20-годишната девојка на Инстаграм.
– Во Штутгарт ме третираа како предмет. Ме користеа додека не бев толку физички и психички скршена што изгубив секаква вредност за тренерите“.
Германските медиуми јавуваат дека двајца тренери во националниот тренинг центар во Штутгарт се привремено суспендирани до 19 јануари.