Четирите екипи кои викендов беа дел од финалниот турнир од Купот на ОФМ 2026, ќе ги гледаме и во завршницата од првенството, односно во „трката“ за шампионската титула во сезоната 2025/2026. Куп освојувачот, Штип УГД и Работнички 71&22, односно ГОК Борец и актуелниот шампион Струмица 47&72 ќе се соочат во полуфиналето на првенствениот плејоф во Првата лига мажи.
Најдобрите четири екипи на прволигашката табела ќе се борат за шампионската титула, а тргнуваат од полуфиналето, кое се игра во два добиени натпревари. Серијата стартува на 1 април на теренот на подобро пласираната екипа, додека втората средба се игра кај послабо рангираниот на 4 април. Евентуалниот трет меч би се играл на 7 април.
Лидерот на табелата, Штип УГД со голема предност влегува во полуфиналето со Работнички 71&22, не само поради позициите на табелата (1-4) туку и поради фактот дека води 3-0 во меѓусебните првенствени соочувања сезонава. Скопскиот состав знае да биде „тврд орев“ за фаворитите, но откако ја задржа куп-титулата во свој посед јасно е дека момците на Кристиан Ристески атакуваат на двојна круна.
Поголема неизвесност може да понуди втората полуфинална двојка ГОК Борец и Струмица 47&72. Велешкиот состав има три победи во исто толку одиграни натпревари сезонава, но само еден дуел завршил со максимален резултат, додека на останатите два се водеше долга битка. Борец не успеја да стигне до трофеј во Купот, но ќе се обиде тоа да го поправи во првенството. Младиот тим на Васе Михаилов од друга страна, пак, желен е за докажување, но и за задржување на традицијата во борбата за титулата, па ќе се обиде да стигне најмалку до финалето и да си даде шанса достојно да ја брани титулата.
Што се однесува до Сушево и Универзитет во Тетово, тие на петтото, односно шестото место ја завршува сезоната, а зад нив се Шкендија, Лирија, Скопје, Македонија Џио, Весна Пробиштип и Јанта Волеј, кои според остварените резултати во плејаут фазата го потврдија конечниот пласман за сезонава.
ПРВА ЛИГА МАЖИ
ПОЛУФИНАЛЕ ПЛЕЈОФ
1 МЕЧ (01.04.2026)
Штип УГД – Работнички 71&22 18:00ч.
ГОК Борец – Струмица 47&72 17:45ч.


































