Последниот македонски претставник на европската сцена во сезоната 2025/2026, вице-шампионот Штип УГД, денеска попладне (17:30 часот) во „Центро Павеси“ во Милано, го игра реваншот со Алијанц Милано, во рамките од 1/16 финалето од Челинџ купот.
Штип УГД на првиот меч во Радовиш пред неполн месец загуби во три сета од фаворизираниот италијански противник, а на ова гостување ќе биде без главниот стратег Кристијан Ристески, кој поради здравствени причини нема да биде на клупата.
-Испишавме клупска историја со пласманот во 1/16 финалето од Челинџ купот. Јасно е дека Милано е фаворит, тоа го потврди и на првиот меч, а во реваншот нашиот тим ќе се потруди да понуди што е можно поквалитетен отпор и да одиграме најдобро што можеме. Не сме оптоварени резултатски – потенцира Ристески во пресрет на дуелот.
На премиерата на европската сцена штипскиот состав до главната фаза од Челинџ купот стигна откако преку „златен сет“ го елиминираше норвешки Кол Ил.


































