Сите клубови кои се дел од Првата машка лига и официјално се на зимска пауза, откако првиот дел од сезоната на одбојкарските терени беше комплетирана минатиот викенд.
Во најсилното друштво нема непоразена екипа по финишот на есенскиот дел од првенството. Штип УГД ќе „презими“ како лидер, а единствениот пораз го претрпе од актуелниот шампион Струмица со 3:2 и тоа пред својата публика во Штип. Со исклучок на „киксот“ со бранителот на титулата на сите останати натпревари штипјани имаа беспрекорен учинок, па од врвот ќе продолжат во плеј-оф фазата на пролет.
Струмица ги следи од втората позиција, но шампионот, кој сезонава значително ги подмлади своите редови, одигра дури три натпревари од по пет сета, загуби од ГОК Борец, а како победник излезе против Штип УГД и Шкендија во последното коло.
На главните фаворити друштво им прават Работнички 71&22 и ГОК Борец, кои со прикажаната игра и резултати најавуваат интересни дуели во продолжението од сезоната, а истото важи и за Универзитет во Тетово и Сушево, кои влегоа во „плеј-оф“ конкуренцијата.
Лирија, Шкендија, Македонија Џио, Весна Провиштип, Јанта Волеј и Скопје се екипите кои ќе разигруваат во плеј-аут фазата.
Според пропозициите по завршувањето на првиот дел од сезоната (лига-фазата) првите шест пласирани екипи играат во плеј-оф пренесувајќи ги бодовите од првиот дел. Се игра двокружно „секој со секого“ и потоа првите четири екипи обезбедуваат пласман во полуфиналето на плеј-офот и ќе разигруваат за битка за шампионската титула.
Екипите кои во есенскиот дел ќе се пласираат од 7. до 12. место ќе ги пренесат бодовите од првиот дел и ќе разигруваат во плеј-аут фазата. Ќе се натпреваруваат двокружно (дома-гости), а по завршувањето на натпреварите се добива конечниот пласман во првенството.
Вториот дел од првенството за мажите стартува на 24 јануари 2026 година.


































