Фото: Архива на ШК Алкалоид

Полувековниот јубилеј клубот ШК Алкалоид го одбележа овој викенд со организација на шаховски фестивал, во чии рамки се одиграа два турнира – во забрзан и во брзопотезен шах, а на кој учествуваа играчи од десет европски земји.

Отворањето беше збогатено со мала церемонија, на која низ поздравен говор беше потсетено дека овој клуб има 27 титули од 33 одиграни првенства во независна Македонија, како и една титула европски клупски шампион, а трипати бил и европски вицепрвак.

Легендарниот македонски ракометар Кире Лазаров, кој и самиот беше клупски првак со Барселона, го повлече почесниот прв потег на турнирот во забрзан шах.

Речиси 200 играчи настапија на турнирот во забрзан шах, на кој секој играч имаше на располагање време од 10 минути за размислување, плус пет секунди за потег. Победничкиот трофеј го подигна велемајсторот Кирил Георгиев, кој ја предводеше групата играчи на врвот со 9 бода од 11 партии.

ВМ Георгиев е поранешен член на ШК Алкалоид и поранешна прва табла на македонската репрезентација, а на овој турнир стигна до првото место без пораз, со седум победи и четири реми. Во последното коло, во мечот кој одлучуваше за победникот, тој го совлада изненадувањето на турнирот Матео Ефтовски од младинскиот тим ШК Мулти Есенс, кој остана на 8 бода.

Второто и третото место ги освоија ИМ Христос Кралис од Грција и ИМ Ндерим Сарачи од Косово.

Предводник на групата играчи со 8,5 бода беше ИМ Дејан Стојановски, кој беше најдобар од играчите што настапуваат под македонското знаме, без пораз на турнирот. Зад него се пласираа ФМ Антон Златков, ФМ Лампрос Џаноулакис (Грција) и ИМ Сашо Николов (Бугарија).

На делба од 8. до 16. место со по 8 бода се најдоа повеќе играчи, меѓу кои и ВМ Драган Јаќимовиќ, ИМ Филип Панчевски и Матео Ефтовски, кој ја освои специјалната награда за втор најдобропласиран играч со рејтинг под 2.200 поени.

Во специјалните категории се истакнаа младинците од ШК Алкалоид и ШК Мулти Есенс. ЖФМ Моника Жежовска беше најдобра кај девојките до 18 години, Кирил Николовски беше втор во категоријата до 18 години, Благоја Миновски победи кај момчињата до 16 години, а Илијана Велева кај девојчињата до 14 години.

На турнирот во брзопотезен шах, кој се играше на 4 април, учествуваа 153 играчи, со темпо од три минути плус две секунди по потег. По 13 кола, првото место го освои ИМ Никола Николовски со 11 бода.

Зад него се пласираа ИМ Ндерим Сарачи и ФМ Мухамет Аслани од Косово, како и ФМ Антон Златков.

Од останатите пласмани се издвојуваат ИМ Филип Панчевски и ВМ Роландо Кутиров, кои со 9,5 бода беа на делба на петтото место, додека на делба на осмото место со по 8 бода се најдоа ВМ Звонко Станојоски, ИМ Дејан Стојановски и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

ЖФМ Моника Жежовска освои награда за најдобар играч до 18 години, а Никола Бошковски беше најдобар во конкуренцијата на шахисти до 1.800 рејтинг поени.

ШК Алкалоид продолжува со активности во текот на 2026 година, а следни големи настани ќе бидат настапот на Светското екипно првенство за сениори над 50 години во Драч, Албанија, од 18 до 29 април, како и учеството на Тони Лазов и Емил Ристески на Европското поединечно првенство во Катовице, Полска, од 6 до 20 април.