Mакедонскиот суперлигаш Алкалоид ја промовираше својата новата ракометна „база“, салата Автокоманда во која во иднина ракометарите ќе тренираат и ќе се натпреваруваат.
На ракометната сала во Автокоманда променети се кровната конструкција, фасадата, осветлувањето, реновирани се ходниците, соблекувалните, греењето…
Оваа сала ќе биде дом и на вториот тим РК Мулти Есенс, како и на останатите клубови во младинска категорија. На овој настан беше објавено и дека македонската легенда Пепи Манасков во иднина ќе биде дел од тренерскиот колектив.
„Сино-белите“ не го кријат задоволството од добивањето на нов дом, како уште еден чекор напред за создавање на услови за забрзан развој на клубот.
На промоцијата говореше претседателот на Живко Мукаетов кој вели проектот продолжува по зацртаните цели и гради нешто добро за македонскиот спорт.
– Пред година дена започнавме проект на визија, важен за македонскиот ракомет, основна цел е да се регрутираат млади таленти кои ќе ги научиме на добри човечки вредности и да имаме раст на мак-ракометот. Основна идеја и цел е да го шириме нашиот проект. Почнавме пред една и пол година, но ова кое сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот. Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место. Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно. Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба – изјави Мукаетов.
Во исто време, клубот ја претстави и новата химна со видеоспот, во надеж дека идната година ќе ја претстави и во меѓународните купови.
За првиот тренер на Алкалоид Кирил Лазаров привилегија е тоа што клубот да има свој дом, што е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина.
– По само година и пол по формирањето на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, чест и задоволство ми е што ја имаме оваа заедничка прилика да присуствуваме на реновираниот од корен ракометен дом Автокоманда и чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом. Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Во изминатите години од спортски аспект сакам да кажам што се имаме сработено од спортски аспект, од што сум презадоволен. РК Алкалоид почна од првата лига и за само една година влезе во најквалитетната лига – Суперлигата. Во меѓувреме формиравме уште еден ракометен клуб Мулти Есенс каде овозможивме на голем број македонски таленти да учествуваат во ист тренажен процес, со квалитетни услови, каде овозможуваме на таленти од Македонија квалитетно да се развиваат и да ја надополниме базата со квалитетни ракометари. Имаме и младински категории, кои се при или на врвот на табелата во македонската лига, од 2003 до 2008 годиште. Во план сме да формираме и други помали селекции, 2010 и 2012 годиште, со што покажуваме дека мислиме на македонската ракометна иднина. Чест и привилегија ми е што сум дел од овој проект и што имам можност да работам како прв ракометен тренер во РК Алкалоид од Скопје, Македонија. Мислам дека сме прав пример не само за клубовите во Македонија, туку во регионот и тоа не само во овој спорт, туку и во сите останати. Како што минува времето, треба да бидеме уште поквалитетни – изјави Лазаров.
Т.Д.