Наша цел е освојување на шампионатите во двете категории и пласман во дивизијата А. Мислам дека со генерацијата 2000/2001 имаме реални шанси за пласман во квалификациите за јуниорското СП 2021 во Унгарија, вели селекторот Брестовац
Јуниорите ќе играат во Летонија, а кадетите на домашен терен ќе се тркаат за место во дивизијата А, на двата шампионати на Европската ракометна федерација (ЕХФ), од дивизијата Б, што ќе се играат идното лето.
Генерацијата ракометари родени во 2000 и 2001 година, кои летоска беа домаќини на кадетското Светско првенство (СП), од 3 до 12 јули идната година, ќе играат на шампионатот на ЕХФ во Летонија, каде што ривали во групата Б ќе им бидат врсниците од Белгија, Косово, Луксембург, Белорусија и од Бугарија.
Првопласираната селекција од оваа група ќе игра со најдобрата од групата А (Велика Британија, Грузија, Турција, Романија, Летонија) за првото место на шампионатот, кое, според квалификациските измени што ги усвои ЕХФ на состанокот на Извршниот комитет, одржан минатиот месец во Белград, носи место во претквалификациите за пласман на СП 2021.
Белорусија беше селекцијата што застана на патот на македонските кадети на претходниот шампионат на ЕХФ, во Грузија, во 2018 година, но селекторот Данило Брестовац верува во квалитетите и во искуството на своите избраници и верува дека сега е вистински момент за чекор напред.
– Иако играме во дивизијата Б, секоја година сѐ повеќе напредуваме и добиваме повисок ранг во пресрет на ждрепките, така што годинава имаме и полесни противници на патот за освојување на шампионатите. Тоа значи дека наша цел е еден чекор напред, освојување на шампионатите во двете категории и пласман во дивизијата А. Мислам дека со генерацијата 2000/2001 имаме реални шанси за пласман во квалификациите за следното јуниорско СП што ќе се игра во Унгарија – изјави Брестовац.
Македонските кадети, пак, од 17 до 23 август идното лето ќе бидат домаќини на две од шесте групи, кои ќе бидат дел од кадетскиот шампионат на ЕХФ, од дивизијата Б. Противници на Македонија ќе бидат селекциите на Полска, Естонија и на Грција, против кои ќе игра за првото место во групата А, кое носи место во финалето со најдобрата селекција од групата Б (БиХ, Грузија, Швајцарија, Украина). Паралелно со шампионатот во Македонија, турнири ќе се играат и во Црна Гора (група А: Косово, Турција, Холандија и Ц. Гора; група Б: Азербејџан, Луксембург, Романија и Летонија) и во Бугарија (група А: Велика Британија, Фарски Острови, Чешка, Бугарија и група Б: Литванија, Словачка, Белорусија и Финска).