Даисуке Мијазаки е најискусен и најефикасен ракометар во јапонскиот состав

Со денешниот меч (15.30 ч., пренос на МТВ) против Јапонија, македонската ракометна репрезентација ќе ја почне својата шеста мундијалска приказна. Тимот на селекторот Раул Гонзалес ќе застане лице в лице со „самураите“ на исландскиот кормилар Дагур Сигурдсон, за кои ова ќе биде 15-то учество на светските првенства, овој пат со покана од ИХФ.

Со добивањето на организацијата на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, Јапонската ракометна федерација (ЈРФ) почна со амбициозна програма за составување конкурентен тим. За таа цел, во 2016 година беше ангажиран шпанскиот ракометен стратег Карлос Антонио Ортега, кој ја предводеше Јапонија на СП 2017, но поради лошите резултати (пет порази во групна фаза, една победа над Ангола, еден пораз од Чиле во разигрувањето), Ортега беше заменет со Сигурдсон, кој дотогаш ја предводеше германската селекција, со која стана европски првак во 2016-та и го освои третото место на ЛОИ во Рио истата година. Сигурдсон на чело на јапонскиот состав застана со една цел – да состави тим за ЛОИ.

Со доаѓањето на исландскиот стратег, играта на Јапонија доби на квалитет, бидејќи од челниците на ЈРФ тој доби одврзани раце да експериментира и да имплементира европско-скандинавски стил на игра во јапонскиот национален тим. На јапонската издржливост и брзина Сигурдсон надгради европска агресивна одбрана, која од 6-0 се трансформира во 5-1 и со скандинавски прецизен пренос на топка. Јапонскиот тим е спој на искусни и млади ракометари, кои Сигурдсон еднакво ги користи на теренот, вклучувајќи многу ротации за да ја задржи свежината на тимот во текот на целиот меч.

Со оглед на тоа што првите мечеви на шампионатите секогаш се најтешки, пред сѐ поради притисокот за со победа да се почне првенството, дуелот со Јапонија ќе биде најтешкиот за Македонија во групата во Минхен. Во подготвителниот период Јапонија одигра пет контролни натпревари, во кои забележа една победа над Чешка (27-25), две ремија, со Полска (25-25) и со Швајцарија (28-28), и двапати загуби, од Португалија (27-25) и од Тунис (34-31).

Во тест-мечевите најефикасни беа левото крило Даисуке Мијазаки (37 години), кое воедно е и најискусен и најефикасен ракометар во јапонскиот состав, потоа левиот бек Татсуки Јошино (24), десниот бек на унгарски Дабас, Шиносуке Токуда (23), како и десното крило Хироки Мотоки (26). За организација на играта и имплементација на советите на Сигурдсон се задолжени бековите Хироки Шида (29) и Јуто Агарие (25), кој има и централна улога во одбраната. Најмногу репрезентативци се од шампионот Осаки електрик, како и второ и третопласираните екипи на Тојота ауто боди и Тојота госел.

За тоа дека Македонија ќе има вистински тешка задача против силно мотивираната селекција на Јапонија потврдуваат и зборовите на чешкиот селектор Јан Филип, кој по мечот со Јапонија кажа дека нивните играчи имаат максимален и дисциплиниран пристап во текот на целиот меч и дека до самиот крај на средбата имаа сила и свежина како на почеток на дуелот. Играта ја градат со долги и бавни напади, со многу додавања, со кои го исфрлаат противникот од ритам и концентрација.

Најдобриот пласман на светските првенства Јапонците го имаа во 1970 година во Франција, кога во конкуренција на 16 селекции се пласираа на 10-то место. На СП 2017 во Франција, Јапонија го освои 22-то место.


Најдобрите играчи на мечевите ќе донираат опрема на деца

Производителот на спортска опрема „Хумел“, кој е годинашен спонзор на наградите за најдобар играч на секој од натпреварите, во договор со Светската ракометна федерација (ИХФ) направи поинаква стратегија околу наградувањето на ракометарите. Досегашна практика беше по секој натпревар да бидат прогласувани најдобри играчи од двата тима, кои вообичаено добиваа некоја награда, најчесто часовник или статуетки, во зависност од спонзорите. Овој пат најдобрите играчи по секој меч како награда ќе добијат спортска опрема од „Хумел“, која ќе треба да им ја донираат на деца на кои им е најпотребна. За оваа цел „Хумел“ обезбеди 1.152 парчиња опрема, односно секој избран играч ќе донира по шест комплети детска опрема. Наградите е предвидено да им бидат доделувани на екипи што ќе учествуваат на најмасовниот детски турнир во светот, Партиле-куп во Шведска. Играчите прогласени за најдобри ќе добиваат плакета и благодарница за донацијата. Та.Д.