Во 2019 година Јакобсен со Х71 освои двојна круна во ракомет, во 2020 година стана фудбалски шампион со тимот ХБ, а од пред две седмици е фудбалски репрезентативец. Тој во јануари како ракометар се соочи со селекцијата на Литванија, а во средата, во својот деби-натпревар за фудбалската селекција, за Фарските Острови, играше против истата нација, но во друг спорт

НЕВЕРОЈАТЕН ПРЕСВРТ ВО СПОРТСКАТА КАРИЕРА

Пандемијата на ковид-19 влијаеше на животот на милијарди луѓе во светот, а во случајот на младиот спортист Хилмар Леон Јакобсен, тоа доведе до промена во кариерата. Ракометниот репрезентативец на Фарските Острови до почетокот на пандемијата на коронавирусот беше ракометар, а во пресрет на мечевите од фудбалската Лига на нациите со Летонија и со Малта од селекторот на фудбалската репрезентација на таа земја, Хакан Ериксон, беше повикан во националниот тим, пишува „Би-би-си“.
Јакобсен својата спортска кариера ја почнал како фудбалер и важел за еден од најдобрите во младата генерација. Своето деби во Првата лига за Торшавн го имал во 2013 година како 16-годишник, но поради здравствени проблеми бил принуден да го напушти својот сон и да се префрли во ракометот, во кој, исто така, веднаш покажал завидни квалитети и бил повикан прво за младинската, а потоа и во сениорската репрезентација на Фарските Острови.

– Отсекогаш сакав да бидам фудбалер, но лекарите ме советуваа да застанам на 17-годишна возраст затоа што морав да направам операција на колкот. Тие рекоа дека играњето ракомет ќе биде подобро за моето здравје, што во тие моменти беше вистинско разочарување за мене – вели 23-годишниот Јакобсен за „Би-би-си“.
Интересен е фактот што Јакобсен на фудбалските терени е левучар (шутира и додава со левата нога), а на ракометниот терен е десничар (шутира и додава со десната рака). Ракометната кариера ја почнал како лево крило, а потоа бил префрлен на позиција лев бек. Со ракометниот тим Х71 има три шампионски и два трофеја во Купот на таа земја.
– Во изминативе неколку години целосно бев фокусиран на ракометот и не се осмелував повторно да помислам на фудбал. Но откако се случи пандемијата и беа запрени ракометните натпреварувања, решив да му се приклучам на резервниот фудбалски тим на ХБ за да останам во форма. Постигнав два гола на мојот деби-меч и веднаш главниот тренер контактираше со мене за да му се приклучам на тимот. Прво одбив, но потоа размислував, се премислив, и ја прифатив понудата – вели Јакобсен за „Би-би-си“.

Уште на првиот натпревар Јакобсен бил во првиот тим, на позиција центарфор, на која никогаш претходно не играл. На трите натпревари во јуни, Јакобсен постигна голови, а во есенскиот дел бил стрелец на пет меча во низа. На 17 меча тој постигнал 12 гола и пет пати асистирал, со што максимално му помогнал на својот тим да ја освои титулата во домашниот шампионат.
Во 2019 година Јакобсен со Х71 освои двојна круна во ракомет, во 2020 година стана фудбалски шампион со тимот на ХБ, а од пред две седмици е фудбалски репрезентативец. Јакобсен во јануари како ракометар се соочи со селекцијата на Литванија, а во средата, тој во својот деби-меч за фудбалската селекција, за Фарските Острови, играше против истата нација, но во друг спорт.
– Одеднаш, повторно сум фудбалер, освојувам титули и ја претставувам својата земја во мојот омилен спорт. Отсега натаму, целосно сум посветен на фудбалот. Моите соиграчи од ракометот можеби беа малку тажни кога ме гледаа како си одам, но тие целосно ме поддржуваат и ме разбираат. Сега, целта ми е да играм во странство. Тоа е она што го сакав како дете и можам повторно да размислувам за тоа – рече Јакобсен.